Роберт Билбилов и Лара Иванова неодамна го објавија својот прв дует, насловен како „Јас против целиот свет“.
Билбилов е веќе изградено име кое со години е дел од домашната музичка сцена. Досега се потпишуваше само како продуцент на повеќето песни на Лара, па со дуетот навистина ја изненадија публиката.
Поразговаравме со Роберт и Лара за соработката за „Јас против целиот свет“ - еве што велат пет дена по објавувањето на музичкото парче, кое досега на Јутјуб брои повеќе од 60.000 прегледи.
На прашањето како дошле до идеја за дует, Билбилов вели:
„Неминовна беше соработката со Лара, една од ретките млади артисти која поседува таква енергија и таква страст за музика. Наш заеднички пријател е Робин Зимбаков, воедно и текстописец, па на негова огромна желба и поддршка се случи овој наш дует“.
Дуетот за „Јас против целиот свет“ бил во план веќе подолго време и работеле на него, но двајцата имале и други проекти, па затоа малку го одложиле.
„Сега решивме дека е вистинскиот момент да го завршиме проектот, заокружувајќи го со видео запис. Пораката што ја испраќаме со оваа песна е дека вреди да се бориш за вистинската љубов, па ако треба и да се свртиш против сиот свет“.
Иако поминаа само неколку дена од објавувањето на песната, Роберт и Лара велат дека од секаде им пристигнуваат само убави коментари од публиката, а имаат поддршка и од колегите и медиумите, за што се неизмерно благодарни.
„Реакциите се одлични, како и коментарите под видео записот. Премногу сме задоволни од позитивните реакции на публиката, колегите музичари, како и целата јавност што слуша македонска музика“.
Билбилов за Точка вели дека со Лара е лесно да се работи, бидејќи е пред сè дисциплинирана, многу добро воспитана и точно знае што сака и што не сака.
„Предноста да работиш со неа е огромна. Нејзиниот вокален капацитет и карактер е непресушен извор на инспирација, манипулација со нејзиниот вокал и што сè таа може да отпее и да го донесе на нејзин специфичен начин. Ѝ посакувам блескава кариера“.
Лара за соработката со Роберт вели дека е исполнување на еден од нејзините соништа.
„Сите знаеме дека Роберт е еден од најголемите музички имиња на овие простори, кој е долги години на музичката сцена, човек кој има специфична боја на глас, одлични песни, феноменална интерпретација, одлично ги познава сите музички правци, и пред сè, тој е еден од најдобрите музички продуценти. Јас најискрено се надевав и посакував соработка и знаев дека доколку тоа се случи и снимиме дует, тоа ќе биде исполнување на еден мој сон“.
Кореографијата во видео записот е на Лара, осмислена на самата локација на снимање, која инаку е ученик во музичко-балетското училиште „Илија Николовски Луј“.
„Сите движења, гестикулации и експресии се спонтани и претставуваат визуелизација на сето она што јас го чувствувам во песната“, заклучува Лара.
Автор: Цеце Николова