Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа не успеа со титула да го круниса одличниот настап на ИТФ фјучерсот во Олумуц (Чешка) што се играше изминатава недела на земјена подлога за награден фонд од 60.000 долари.
Ѓорческа одигра четири извонредни партии во кои загуби само еден сет до големото финале, но денеска пред себе го имаше расположениот домашен рекет Сара Бејлек, тинејџерката која е голема надеж на чешкиот тенис.
Бејлек има само 16 години, ама постојано напредува, освојува турнири и водена од таа самодоверба, квалитет успеа да ја добие битката со Лина со 2-0 во сетови.
Сара беше фуриозна во првиот сет со 6-2, меѓутоа во вториот Македонката се разбуди и покажа зошто е финалист и беше на пат да израмни на 1-1, поточно да го однесе мечот во трет сет. Тетовката водеше со 6-5 и имаше сервис, ама тука застана и дозволи Чехинката да израмни на 6-6 и да се избори за тај брејк кој беше еднонасочен и заврши со 7-0 за третата носителка на фјучерсот.