Меморандум за разбирање за размена на податоци помеѓу Царините на Северна Македонија и Грција

Макфакс

07/07/2022

14:48

2.212

Големина на фонт

а а а

Во рамките на Форумот за конективност што се одржа во Солун, директорката на Царинската управа Славица Кутиров и гувернерот на Независната управа за управување со јавни приходи Џорџ Ј. Пицилис, денеска потпишаа Меморандум за разбирање за размена на податоци помеѓу царините од двете земји.

Потпишувањето на овој Меморандум е од голема важност за олеснување на транспортот и трговијата од ЦЕФТА страните кон Република Грција, и отвора можности за понатамошно проширување на Зелените коридори кон ЕУ.

„Особено задоволство ми претставува тоа што токму во годината кога Царинската управа одбележува 30 години од постоењето како независна служба, сме дел од овој историски настан и потпишуваме билатерален Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци меѓу нашите две институции. Во овој момент, потпишувањето на овој Меморандум значи воспоставување на прв Зелен коридор на граничен премин со соседна земја членка на Европска Унија, користејќи ја SEED платформата за размена на податоци на ЦЕФТА, и со визија за проширување на оваа иницијатива во иднина. Воспоставувањето на Зелени коридори како регионална активност, за прв пат беше спроведена во април 2020 година на почетокот на пандемијата, во рамки на ЦЕФТА регионот. Денес, ова позитивно искуство го прошируваме и на Богородица – Евзони, како клучен граничен премин меѓу двете земји и дел од Пан – европскиот Коридор 10. Продолжуваме со оваа иницијатива, и за брзо време очекуваме да ги разгледаме можностите за проширување на соработката и со Република Бугарија“, изјави Кутиров.

Пицилис истакна дека:

„Зелените коридори имаат големо значење не само за поширока трговска и транспортна интеграција на ЦЕФТА страните со соседните земји на ЕУ, туку и генерално за царинската соработка. Царинската служба на Република Грција учествува во спроведувањето на иницијативата за воспоставување на Зелени коридори. Преку Меморандумот за разбирање со Република Северна Македонија, за електронска размена на податоци пред пристигнување на стоки на граничниот премин Евзони-Богородица, сакаме да ја продлабочиме царинската соработка со соседната земја, како во олеснување на трговијата, така и во намалување на недозволена трговија. Работејќи со ЦЕФТА и Транспортната заедница, се стремиме кон дополнително зајакнување на царинската соработка, како и проширување на соработката со другите соседни земји, во целосна согласност со царинското законодавство на ЕУ.“



Спонзорирани линкови

Маркетинг