На Охридското Езеро ќе му требаат 1.000 години да се оправи од загадувањето

Точка

07/07/2022

12:43

4.850

Големина на фонт

а а а

Зелената алга и годинава го прекри крајбрежјето на Охридското Езеро. Видлива беше насекаде, од центарот на Охрид, кон плажите кон Извидничкиот центар, но и во оддалечените делови на двете страни на крајбрежјето, охридската и струшката.

„Таа зелена алга ви е најдобриот показател за присуството на комуналните отпадни води. Оваа алга, кога почнав да работам пред 20 години ја немаше, камењата беа комплетно голи и чисти. Погледнете сега каде ја имате најмногу “, предупредува Златко Левков, доцент на Институтот по биологија на Природно математичкиот факултет во Скопје.

Причината за ова тој ја гледа во загадувањето на езерото кое се полни со хранливи материи, главно од отпадните води. Проблемот, додава научникот, е во тоа што кога еден вид како зелената алга почнува да вирее во видоизменетата средина, таа го зазема просторот на ендемичните видови алги. Тие се намалуваат, се истиснуваат, со тенденција да исчезнат.

А Охридското езеро се смета за еден од најзначајните водени еко-системи во светот.

„Во светот!“, потенцира биологот Левков, револтиран што многумина го игнорираат фактот дека во земјава имаме нешто толку убаво, посебно и ретко, но не го чуваме. Објаснува дека во него живеат голем број ендемични, но и таканаречени реликтни видови, познати како живи фосили, кои успеале да се задржат во истата форма повеќе милиони години и сега може да се забележат уште само во Охридското Езеро.

„Тие микроорганизми се адаптирани да живеат во точно определени услови. Ако вие условите ги промените, тие организми имаат две опции – или да се адаптираат, или да ви изумрат. Некој организам кој живеел во точно определени услови три милиони години, а вие одеднаш, за 20-30 години драстично ги промените овие услови, веројатноста дека тој ќе се адаптира е многу мала. Веројатноста дека тој ќе ви исчезне, е многу голема“, дециден е Левков.

Езерото како една голема канализација

Отпадните води кои се вливаат во Езерото се сериозен еколошки проблем. Ова е нотирано и во последните извештаи на УНЕСКО. Таму се посочува дека дури 35% од отпадните води создадени во областа Охрид – Струга не се третираат, односно директно се испуштаат во езерото. Дотраениот и недовршен колекторски систем, руинираната пречистителна станица, но и реките кои носат отпадни води во езерото, секојдневно го загадуваат едно од најстарите езера во Европа.

Замислен како лак кој го поврзува целото охридско – струшко крајбрежје, колекторскиот систем граден во 80-тите, требаше да го спаси езерото од отпадните води кои доаѓаат од канализацијата. Идејата била низ големите цевки, една во струшкиот дел, и една во охридскиот, да се собираат сите фекалии од објектите и да се одведуваат во пречистителната станица лоцирана кај селото Враништа, на 4 километри од градот Струга.

Но, како што појаснува директорот на ЈП „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски, системот е сериозно оптоварен бидејќи во него освен фекалната, се влева и голем дел од атмосферската канализација. Дотраените цевки пак овозможиле во системот да понира водата од езерото, но и обратно. Па така, за време на пообилни дождови, место во пречистителна станица, водата од колекторот честопати се излева директно во езерото.

„Најголем проблем со колекторот во моментов е тоа што сè уште не е одвоена атмосферска од секундарна канализација. Уште во самата изградба, согласно проектот за изградба на колекторскиот систем, на неколку места системски се поставени испусти од колекторот, за во време на подигнување на нивото – дали од запушување, или од преголемо количество вода, кога заради неодделеноста на атмосферската и секундарната канализација, има излевање на вода. Но, со сигурност гарантираме, дека да, истекува вода, но не истекуваат фекалии“, појаснува Алексијоски.

Или поконкретно, не истекуваат чисти фекалии, бидејќи она што отишло од охридско-струшките тоалети во канализацијата, сега е разредено со водата која доаѓа од дождовите или од подземните води кои влегуваат во колекторската цевка. Па така, односот на чиста вода наспроти фекалии кој треба кој треба да биде 4:1, во колекторскиот систем е 11:1. Ова, појаснува Алексијоски, прави сериозен проблем и ја уништува потребната бактерија која врши разлагање на фекалијата, но истовремено генерира и големи трошоци за електрична енергија за транспортирање на отпадните води преку препумпните станици, па се до пречистителната станица кај Враништа.

Мал исчекор беше направен лани, кога се реконструираа околу 3 километри од колекторскиот систем долг скоро 40 километри.

Интервенции се правеа на најпроблематичните точки, при што се зајакнати цевките на колекторот со систем цевка во цевка, репарирани пумпите на препумпните станици, а е работено и на прочистување на секундарна канализација. Оваа реконструкција чинеше 2,4 милиони евра и заврши во август, 2020 година. Според Алексијоски, реконструкцијата значително го подобри функционирањето на колекторот.

„Ние уште лани во август побаравме дополнителни 130 милиони денари, за да продолжиме со санацијата. Годинава мислам дека со ребалансот ќе добиеме одредени средства, не во висина на она што го баравме, но мислам дека и она што ќе го добиеме е доволно за годинава да продолжиме, да го искористиме и сработиме“, вели Алексијоски.

Сепак, годинава за колекторскиот систем беа одвоени само 35 милиони денари. Со ребалансот на буџетот кој треба да биде донесен деновиве, се планираат 60 милиони денари, пари кои се далеку од доволни за реконструкција на системот.

„Она што 40 години не се одржувало, не можеме ние за година, две или три да го решиме одеднаш. Се надевам дека во наредните 5 до 8 години, дека некаде околку 80% од проблемите на колекторскиот систем ќе бидат решени,“ вели Алексијоски, кој спас сега гледа во европските фондови.

Пречистителната станица во Враништа чека реконструкција

Токму европските фондови се надеж и за реконструкција на пречистителната станица. Исто како и колекторскиот цевковод, и станицата кај селото Враништа е во незавидна положба. Нејзината реконструкција ќе чини 492 милиони денари, а е планирано да почне догодина, ако се има во предвид она што стои во Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020 – 2029). Иако Алексијоски тврди дека сега се врши 100 процентно пречистување на водата која се доведува до неа, од здружението Охрид SOS не се согласуваат во целост со ваквите тврдења.

„Охрид SOS во март 2021 година, доби информација од ЈП Колекторски систем дека пречистителната станица Враништа работи со само половичен капацитет поради дотраеност. Голем проблем со пречистителната станица е што во услови на врнежи се оптоварува од атмосферската вода. Тоа што е познато, е дека од 15,3 милиони метри кубни вода годишно што се преработува во пречистителна станица Враништа, околу 16% до 20% се подземни и езерски води кои некако влегле во системот. Тоа е голем проблем не само зашто пречистителната станица се оптоварува непотребно што ги зголемува трошоците, туку уште повеќе зашто чистите води се контаминираат, што е огромна загуба“, укажуваат оттаму.

И последниот извештај на Центарот за јавно здравје покажа дека мострите од водата во Црн Дрим, земени на 20 метри од испустот од пречистителната станица, се со загаденост од трета класа.

„Што е незадоволително, бидејќи тоа значи дека еутрофична, загадена вода се испушта во реката чиишто води се со повисок квалитет“, алармираат од Охрид СОС.

Од Инспекторатот за животна средина годинава во февруари направија вонреден надзор врз излевање води во Охридското Езеро од колекторскиот систем, по пријава на политичка партија. Соопштија дека посетиле четири препумпни станици, од Канео до Подмоље. Констатирале дека иако станиците се функционални, имало прелевање на отпадните води во езерото. Причина биле дождовите, како и одведувањето на фекалните и атмосферските отпадни води во заедничка, наместо одделна мрежа.

Не биле земени мостри од водата, ама било испратено известување до Општина Охрид, за да постапат нивните комунални инспектори како надлежни за контрола на испуштање отпадни води во езерото. Иако во дописот стои дека Општината треба да го извести Инспекторатот што е направено, од Инспекторатот изоставија да ни испратат дали добиле повратен одговор.

Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.



Спонзорирани линкови

Маркетинг