Најпознатиот цртан лик станува „слободен агент“: По 95 години, Мики Маус го напушта светот на Дизни

Точка

05/07/2022

14:57

8.676

Големина на фонт

а а а

Мики Маус наскоро би можел да го напушти Дизни бидејќи истекува 95-годишното авторско право по кое тој е во негова сопственост.

Омилениот глушец ќе влезе во јавниот домен од 2024 година, нешто повеќе од 95 години откако беше создаден на 1 октомври 1928 година. Кога Мики за првпат беше нацртан, ова право важеше 56 години, но компанијата прво го продолжи на 75, а потоа на 95 години. Се верува дека сега нема да можат да го продолжат тој рок.


Секој кој би сакал да го користи неговиот лик ќе мора да го направи тоа во оригиналниот облик во кој е нацртан во 1928 година, но не на таков начин што луѓето ќе помислат на брендот Дизни. Ова подразбира потенцијална употреба на костими, зборови или слогани кои се однесуваат на Дизни и во тој случај компанијата би можела да го тужи оној кој ќе го земе тој лик. Тоа е затоа што тие сè уште имаат право на заштитните знаци, дури и по истекувањето на авторските права, а исто така и правата на сите наредни верзии на Мики, додека не поминат 95 години од нивното создавање, пишува „The Guardian“.

Како настана Мики Маус?

За време на едно патување во Њујорк, Дизни ја замислил својата најпозната креација, која изворно ја нарекол Мортимер, но на предлог на неговата сопруга подоцна ја нарекол Мики. Авторството над Мики Маус одамна е предмет на расправа и постојат некои истражувачи кои сугерираат дека креаторот на најпознатиот глушец бил Аб Ајверкс.


Мики Маус беше премиерно прикажан на 15 мај 1928 година во краткиот нем анимиран филм „Plane Crazy“, но филмот не предизвика голем интерес. Благодарение на помошта на бизнисменот Пет Пауерс, Дизни сними звучен филм наречен „Steamboat Willie“. Филмот постигна огромен успех и оттогаш сите филмови на Дизни имаат звук, тој и самиот им даваше глас на своите херои – на Мики Маус до 1947 година.

Наскоро во серијалот кратки музички анимирани филмови се појавија познатите ликови Пајо Паторот, Шиљо, Плутон...

Мики не е првиот цртан лик кој станува дел од јавниот домен, бидејќи тоа веќе се случи со Вини Пу на почетокот на оваа година, по што беше најавен ни помалку ни повеќе туку хорор филм со него, наречен „Winnie the Pooh: Blood and Honey“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг