Матијс де Лихт дал зелено светло за преговори со големите европски клубови, но заинтересираните страни ќе мора да ја исплатат трансфер сумата која ја бара Јувентус.
Челси веќе загриза за холандскиот дефанзивец и наводно има испратено понуда до Јувентус, но од вчера во игра влегол и друг европски гигант.
Се работи за Баерн Минхен, екипата која изминативе сезони остана без неколку искусни стопери и очигледно сака сериозно да инвестира во овој дел од својата екипа.
„Билд“ како традиционално добро информиран медиум за случувањата во Баерн потврдил дека бундеслигашот размислува на тема Де Лихт, односно направен е првиот чекор со кој Баварците се информирале за барањата на Јувентус.
Де Лихт ова лето има откупна клаузула тешка 120 милиони евра, но се очекува Јувентус да му дозволи трансфер за сума меѓу 70 и 80 милиони евра. Покрај Баерн и Челси, се верува дека во позадина на случајот работи и Манчестер Сити.