На водечките германски индустрии им се заканува колапс

Денар

04/07/2022

18:20

3.810

Големина на фонт

а а а

Водечките германски индустрии би можеле да се соочат со колапс поради намалувањето на испораките на руски природен гас, предупреди претставник на синдикатите во земјата. Коментарот е даден пред кризните разговори со канцеларот Олаф Шолц, кои започнуваат денеска, пишува „Bloomberg“.

„Поради тешкотиите со гасот, на цели индустрии им се заканува траен колапс: алуминиум, стакло, хемиска индустрија“, коментира Јасмин Фахими, шеф на Германската федерација на синдикати (DGB), во интервју за весникот „Bild am Sonntag“.


„Таков колапс би имал огромни импликации за целата економија и работните места во Германија. Енергетската криза веќе води кон рекордно високи нивоа на инфлација“, вели Фахими.

Фахими бара ограничување на цената на енергијата за домаќинствата.


„Зголемените трошоци за емисиите на јаглерод диоксид се дополнителен товар за домаќинствата и компаниите“, додава Фахими. Според неа, кризата може да доведе до социјални и работни немири.

Министерот за економија Роберт Хабек во саботата рече дека владата работи на начини да ги задоволи зголемените трошоци, како за комуналните претпријатија, така и за нивните клиенти, без да даде детали. Хабек претходно предупреди дека намалувањето на испораките на руски гас ризикува да создаде подлабоки превирања, споредувајќи ја ситуацијата со улогата на „Lehman Brothers“ во предизвикувањето на финансиската криза во 2008-ма година.


Русија го намали снабдувањето на „Северен тек“ за 60 отсто, а гасоводот треба целосно да се исклучи овој месец поради одржување. Германија изрази сомневање дали „Северен тек“ ќе продолжи со испораките после тоа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг