Нова „бомба“ во фудбалскиот свет: Роналдо си оди од Јунајтед, новиот клуб ќе биде објавен на 7 јули!

Дерби

30/06/2022

16:21

5.165

Големина на фонт

а а а

Кристијано Роналдо имаше добра прва сезона во својата втора епизода во Манчестер Јунајтед, нешто што не може да се каже за клубот кој не ги оствари посакуваните цели и на крајот дури остана без пласман во Лигата на шампионите.

Сето ова прави да се говори за иднината на Португалецот и за тоа дали има место во новиот проект на премиерлигашот предводен од Ерик Тен Хаг. Во изминатиов период се поврзуваше со Баерн Минхен, Челси…или поточно според медиумите неговиот агент Мендеш го нуди низ добро познати клубови на стариот континент.

На оваа листа беше и спомената Рома, но тоа некако никој не го сфати сериозно или се сметаше како нова шпекулација, меѓутоа ситуацијата може и да е поинаква ако се точни информациите кои ги има некогашниот италијански репрезентативец Анџело Ди Ливио.

Ди Ливио истакна дека Кристијано за само неколку дена или поточно на 7 јули може да добие нов клуб, да биде објавено дека е член на „волчицата“ од Рим.

- Од различни извори знам дека Рома се обидува да го ангажира Кристијано Роналдо и дека 7 јули би можел да биде датумот на објавувањето. Тоа е индискреција, но упорно кружи во светот на фудбалот. Случајно разговарав со пријател кој работи на телевизија и кој пред неколку дена на вечера дознал за преговорите за Кристијано од важен менаџер на клубот, - вели Ди Ливио.

Оваа информација ја потврди и Фабио Петруци кој долги години беше член на тимот од Рим.

- Знам од добар извор, од многу угледна личност, дека Рома на сите начини се обидува да го добие Кристијано Роналдо. Ќе треба да се испеглаат деталите, за правата на имиџот, но знам дека ќе го напушти Јунајтед, - порача Петруци.

Ако ова се реализира Роналдо одново ќе соработува со Жозе Мурињо со кого претходно беа заедно во Реал Мадрид.



Спонзорирани линкови

Маркетинг