Доби Пулицерова награда за фотографијата поради која подоцна се самоуби: Трагичната судбина на фотографот кој го прикажа гладот во Судан

Точка

29/06/2022

14:28

27.000

Големина на фонт

а а а

Во 1993 година во Судан биле испратени неколку фотографи бидејќи хуманитарните организации сакале да го свртат вниманието кон гладот во оваа африканска земја.

Најпознатата фотографија ја направил Кевин Картер кој си го одзел животот набрзо по освојувањето на Пулицеровата награда за фотографијата од гладно дете. Судбината на детето од фотографијата долго време била непозната, сè додека 20 години подоцна не се огласил неговиот татко.

Весникот „The New York Times“ на 16-ти март 1993 година објавил фотографија од исцрпено гладно девојче кое клечи, а зад него стоел мршојадец кој судејќи по сè ја чекал неговата смрт.


Оваа фотографија ширум светот стана позната како „Мршојадецот и девојчето“, а понекогаш се нарекува и „Девојчето кое пати“. Во април 1994 година Картер добил Пулицерова награда за фотографија, а 3 месеци подоцна си го одзел животот. Имал само 33 години.

Најпрвин се мислело дека станува збор за девојче

Фотографијата стана симбол на суданскиот глад кој однесе дури 20.000 животи, а многу читатели на „The New York Times“ се прашувале што се случило со изгладнетото девојче. Години подоцна, се дознало дека во март 1993 година ова дете се обидувало да стигне до Центарот за храна на Обединетите нации. Детето на крајот го преживеало суданскиот глад, но се утврдило дека не било женско.

Во 2011 година, речиси 20 години откако фотографијата била објавена, таткото на детето рекол дека истата не прикажува девојче, туку момче по име Конг Нионг, за кој во тоа време се грижела добротворна организација. Нионг починал од треска во 2007 година, навело семејството.

Зошто фотографот не му помогнал?

„Мршојадецот и девојчето“ не само што е најпознатата фотографија на Кевин Картер, туку и е една од најпознатите на светот. Меѓутоа, славата со себе му донела и многу проблеми на фотографот. Картер бил критикуван бидејќи не му помогнал на изгладнетото дете и бил обвинет за нечовечност, бидејќи според мислењето на многумина, требало да му помогне на детето наместо да го фотографира.

Она со што јавноста не е толку запознаена е дека во текот на правењето на оваа фотографија, Картер бил опкружен со вооружени војници кои му дале инструкции да не ги допира и да не комуницира со изгладнетите луѓе, од кои многумина имале тешки заразни болести.

Неговиот пријател и фотограф Жао Силва рекол дека јужноафриканскиот фотограф по фотографирањето во Судан седел под дрво, му се молел на Бога и плачел. Бил депресивен и постојано споменувал дека сака да ја прегрне ќерка си.

Трагичната судбина на Кевин Картер

Кевин Картер е роден во Јоханесбург, Јужна Африка, каде пораснал во семејство од средна класа. Живеел во населба во која живееле само белци.

Како дете, тој бил сведок на бруталниот однос на полицијата кон црнците кои нелегално живееле во таа област. Бил огорчен од она што го гледал, а бил разочаран и од своите родители католици бидејќи тие се сметале себеси за „либерални“, но во истовреме не преземале ништо по прашањето на дискриминација на црнците.


По 20-та години, Кевин ја започнал својата кариера како професионален фотограф. Прво работел како спортски фотограф, а потоа започнал да прави документарни фотографии, главно оние кои ја прикажувале бруталноста на апартхејдот. Страшните работи кои ги видел длабоко го погодиле, поради што страдал од тешка депресија, а станал и зависник од дрога и алкохол.

Во 1994 година, во неговиот живот се случила уште една трагедија. Фотографот Кен Остербрук кој му бил близок пријател, бил убиен во Јужна Африка, што оставило голем белег на Картер.

„Ме прогонуваат живи сеќавања на убиства, трупови, гнев и болка на изгладнети или ранети деца, лудаци кои весело пукаат, често и полицајци... Ако имам среќа, ќе му се придружам на Кен“, напишал тој во својата проштална порака пред да се самоубие. Картер на 27-ми јули 1994 година со автомобил отишол на место каде што си играл како дете и поврзал црево со ауспухот кое го ставил низ еден до прозорците на возилото. Се затворил во автомобилот, го стартувал и се отрул со јаглерод моноксид. 

Рок групата „Manic Street Preachers“ ја посветила својата песна „Kevin Carter“ од 1996 година на овој фотограф, а неговиот живот послужил и како инспирација за главниот лик на популарниот роман „House of Leaves“.

Филмот „The Bang Bang Club“ од 2010 година се занимава со работата на Картер и другите фотографи во разоткривањето на ужасите на апартхејдот, а јужноафриканскиот фотограф во филмот го толкува Тејлор Кич.



Спонзорирани линкови

Маркетинг