Fx3x со стипендирани обуки за вработување

Точка

27/06/2022

15:58

42.802

Големина на фонт

а а а

Компанијата Fx3x е домашна компанија што веќе 25 години е дел од сите големи филмски проекти на Холивуд.

Со цел поддршка на младите амбициозни луѓе што сакаат постојано да учат, да се надградуваат и да осознаваат нови вештини и искуства, во партнерство со врвно светско студио за визуелни ефекти и анимација Fx3x обезбедува стипендии во вредност од по 3.000 евра за специјализирани обуки на 60 најдобри кандидати. Уписите се отворени до 15 јули, а добредојдени се сите млади креативци со или без искуство.

„Пред дваесет и пет години со Fx3x започнавме двајца, јас и Миливоје Ѓорѓевиќ, а денес броиме повеќе од сто и педесет вработени. Целта беше да создадеме компанија од светски калибар со врвен тим од луѓе што работат упорно и посветено. Освен квалитетот за кој не правиме компромис, Холивуд нè избира нас пред другите поради моментот на доверба, знаат дека она што ќе го испорачаме, ќе биде производ изработен до перфекција. Сме работеле на многу светски блокбастери и оскаровци, на многу наградени култни филмови и серии. Чест ми е што имам можност да работам со млади амбициозни и креативни луѓе, и како компанија да ги поддржуваме во остварување на својот креативен и кариерен потенцијал“ – изјави Кристијан Даниловски, генерален менаџер и соосновач на Fx3x.


Обуките ќе се реализираат во школата на Fx3x за визуелни ефекти и анимација на VFX Nest, а се организирани во соработка со „ЊуМенс бизнис акцелераторот“. Предвидено е да се спроведат во две главни области, и тоа Визуелни ефекти за филм и 3D моделирање и анимација, секоја со по 450 часа предвидени за предавања и 100 часа предвидени за практични вежби и самостојна работа.

Обуките ќе ги изведуваат најдобрите домашни ментори со искуство на најпрестижните проекти во индустријата, а овој пат ќе се вклучат и врвни тренери од една од најголемите светски компании за визуелни ефекти и анимација, со цел за само пет до шест месеци да ги остручат учесниците за директно вработување. Планирано е обуките да се одржуваат хибридно, во живо и онлајн, со можност учесниците надвор од Скопје да следат поголем дел од програмата онлајн.


„Менторите се супер и обрнуваат внимание на секој детаљ во предавањата. Исто така, секогаш се на располагање да помогнат со тешкотиите со кои секојдневно се сретнувам. На сите што се интересираат за кариера во овие области, топло би им препорачал да не се демотивираат и да се истрајни и упорни во својата работа. Како резултат на обуките добив неверојатна можност да бидам дел од тимот што работеше на ABBA Voyage и одлично е чувството кога ќе видите како заедничките напори се спојуваат во едно на денот на премиерата, како и да си го видите вашето име на одјавната шпица“ – изјави Раде Радевски. Раде има завршено ваква обука во 2021 година и е вработен во Fx3x.

За сите кандидати што редовно и успешно ќе ги завршат обуките и ќе го положат финалниот тест, ќе биде обезбедено работно место во Fx3x, со можност за натамошен напредок во кариерата, како и интернационална кариера и во рамките на партнерската компанија од светски ранг.

Сите заинтересирани кандидати можат да аплицираат за стипендирана обука на следниот линк: http://bitly.ws/smeK најдоцна до 15 јули. Дознајте повеќе информации за Fx3x на https://fx3x.com.



Спонзорирани линкови

Маркетинг