Драстично ја намалил тежината кај испитаниците: Лек за дијабетес тип 2 успешен и во лекување на прекумерна дебелина

Точка

08/06/2022

21:36

47.364

Големина на фонт

а а а

Тирзепатид, лек за дијабетес тип 2 кој неодамна беше одобрен од американската Администрација за храна и лекови (ФДА), би можел да им помогне на дебелите возрасни лица кои немаат дијабетес да ослабнат, покажало новото истражување на меѓународниот тим на научници.

Ефектот на лекот бил проучуван во период од 72 недели кај повеќе од 2.500 дебели луѓе кои не страдале од дијабетес. Испитаниците биле поделени во 4 групи – едната примала плацебо, а другите 3 земале различни количини од лекот еднаш неделно: 5, 10 и 15 милиграми.

Учесниците во студијата кои земале доза од 5 милиграми изгубиле во просек околу 16 килограми во текот на тој период. Оние кои земале доза од 10 милиграми изгубиле во просек 22 килограми, а учесниците кои примале доза од 15 милиграми изгубиле во просек околу 23,6 килограми. Испитаниците од групата која примала плацебо инјекција изгубиле во просек по 1 килограм.


Тирзепатид делува на тој начин што ги имитира хормоните кои им помагаат на луѓето да се чувствуваат сити после оброк или со дејство врз два природни хормони кои му помагаат на мозокот да испрати сигнал за ситост до телото. Експертите веруваат дека тоа би можело да биде подеднакво ефикасно како и операција изведена на дебели пациенти.

„Околу 90 проценти од луѓето во студијата изгубиле на тежина, а просечното губење на тежината при највисока доза беше 22,5 проценти, што досега не сме го виделе во ниту една слична студија“, вели коавторката на студијата, д-р Анија Јастребоф, вонреден професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот Јејл.

„Резултатите од студијата претставуваат значаен напредок во потенцијалното ширење на ефикасните терапевтски опции за луѓето кои се борат со дебелина“, рекол Јастребоф.

Студијата покажала дека се забележани подобрувања кај речиси сите учесници, кога станува збор за нивото на шеќер во крвта, крвниот притисок и нивото на холестерол.

Најчестите несакани ефекти биле мачнина, дијареа и констипација, но генерално сите биле благи до умерени, вели Јастребоф, додавајќи дека испитаниците биле во состојба да ја одржат истата телесна тежина во текот на 72-неделниот период на студијата.


„Дебелината е хронична болест која може да се лекува. Би можеле да ја третираме како и секоја друга хронична болест – со ефикасни и безбедни пристапи кои ги таргетираат механизмите на основната болест, а овие резултати се доказ дека тирзепатидот делува на тој начин“, вели коавторката, објаснувајќи дека пациентите можеби ќе треба да останат на терапија со овој лек на неодредено време.

„Но, ако гледаме на дебелината како хронична болест, тогаш зошто да се лекува хронична болест само 72 недели?“, се прашува д-р Арија.

Тирзепатид е лек на фармацевтската компанија „Ели Лили“, кој кон средината на мај беше одобрен во САД за лекување на дијабетес тип 2. ФДА потоа утврдила дека лекот, со правилна исхрана и физичка активност, успева да го држи под контрола нивото на шеќер во крвта кај возрасните со ваков тип на дијабетес.

Резултатите од студијата се објавени во списанието „New England Journal of Medicine“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг