ЗНМ и ССНМ остро ја осудија постапката: Полицијата повика на разговор уредничка на Телма за текст што не го објавила

Точка

25/05/2022

20:42

5.311

Големина на фонт

а а а

Полициски службеници во два наврати на лична адреса ја барале уредничката на Телма, Весна Јовановска Дојчиновска, по наредба на обвинител, за да учествува во распит за информација која воопшто не е објавена на ТВ Телма и на дигиталните сервиси на телевизијата.

Обвинител при скопското обвинителство отворил предмет по пријава за говор на омраза на граѓанин кон друг граѓанин, и со цел да ја истражи и поткрепи пријавата со докази издал наредба МВР да ги обезбеди емитуваните аудио и видео материјали од Телма телевизија, но и наредба за информативен разговор со уредничката Весна Јовановска Дојчиновска.

За случајот, ТВ Телма ги информираше и новинарските претставници од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Оттука, ССНМ и ЗНМ ја оценуваат за проблематична постапката преку која МВР, но и ОЈО инволвираат новинари кога постапуваат во случаите без истите да ги информираат зошто се повикуваат на службени разговори.

„Потенцираме дека сите меѓународни регулативи, стандарди и препораки укажуваат на тоа дека кога органите на прогонот веќе постапуваат во случај кој вклучува новинар, тоа треба да го направат на начин што преземените овластувања не смеат да имаат ефект на заплашување, заканување или ограничување на слободата на новинарите и медиумите. Дополнително, МВР и ОЈО најмалку што можат да сторат е да стапат во контакт и да ги разјаснат околностите на транспарентен начин, во спротивно ова може сериозно да влијае врз условите во кои новинарите си ја вршат својата работа“, велат од ЗНМ и ССНМ.

„Овој случај е уште еден аргумент зошто е потребно посебно одделение во рамки на ОЈО кое ќе третира предмети и случаи во кои се инволвираат новинари и медиумски работници. Потсетуваме дека потребата од континуирана едукација и усовршување на знаењето на обвинителите во заштита на новинарите е обврска на државата како членка на Советот на Европа. Укажуваме дека и кој било граѓанин, доколку е незадоволен од начинот на известување во медиумите, на располагање ги има саморегулативните механизми. Секоја друга форма и законска можност примената од правосудните органи може да води кон цензура и самоцензура, но и одредена форма на заплашување и предизвикување страв, со што се става црна дамка на демократското владеење“, се вели во соопштението од новинарските здруженија.




Спонзорирани линкови

Маркетинг