Главниот воен заповедник на Азов е жив и се наоѓа на територијата под контрола на Русија, рекла неговата сопруга по краткиот телефонски разговор. Тој се до минатата недела се борел да ја задржи украинската контрола на јужниот пристанишен град Мариупол.
Катерина Прокопенко, сопруга на лидерот на Азов Денис Прокопенко, вели дека сопругот ја прашал како е, но дека врската прекинала пред да може да каже било што за себе, пренесува „The Times of Isreal“.
Таа рекла дека телефонскиот разговор бил можен поради договорот меѓу владите на Украина и Русија и благодарение на посредството на Црвениот крст, кој посетувал некои од украинските борци кои се предале.
Прокопенко, која разговарала со агенцијата „AP“ во Киев заедно со уште една сопруг на војник, Јулија Федосјук, рекла дека договорот меѓу Украина и Русија гарантира прописно погребување на мртвите војници и одредени услови за воените заробеници, вклучувајќи и дозвола да разговараат со членовите на семејствата неколку пати неделно.
Двете жени рекле дека неколку семејства примиле повици во последните два дена. Рекле дека не можат да откријат повеќе детали од разговорите, но се надеваат дека војниците нема да бидат мачени и дека на крајот „ќе се вратат дома“.
Русите на 21-ви мај објавиле дека во целост ја преземале челичаната Азовстал.
Тогаш се предала и последната група бранители на полкот Азов. Русите рекле дека од 16-ти мај 2.439 „неонацисти од Азов и украински трупи“ заробени во челичаната „го положиле оружјето и се предале“.