Барселона со ремито против Хетафе официјално го обезбеди второто место во Примера за оваа сезона и со тоа дојде до место за Супер Купот на Шпанија каде ќе учествуваат уште Реал Мадрид, Бетис и Валенсија.
Екипата има уште еден лигашки меч против Вилјареал, додека пак управата може да се фокусира на потезите кои ќе ги повлече во следниот период, потези во преодникот рок кои ќе дадат одредена слика за тоа дали Барселона ќе може да се надева на титули.
Еден од најважните луѓе е Матеу Алемани кој одлучи да проговори за неколку прашања кои се актуелни во моментов, а едно од нив е потенцијалниот трансфер на Роберт Левандовски на „Камп Ноу“.
- Левандовски? Воопшто не е завршено. Ги почитуваме играчите кои имаат договори со други клубови. Ова ќе биде долг трансфер период, - рече Алемани кој го прокоментира и потенцијално заминување на Френки Де Јонг со кое би се покриле одредени финансиски загуби.
- Тој е важен играч со многу квалитет. Ќе ги процениме работите за секоја ситуација. Не е донесена никаква одлука, - истакна директорот на каталонците.