Милијардерот Илон Маск денеска соопштил дека привремено го одложил купувањето на компанијата Твитер за 44 милијарди долари, додека не добие повеќе информации за тоа колку лажни или несакани профили има на таа социјална мрежа.
Твитер на почетокот на овој месец проценил дека лажни или спам профили во првиот квартал имало помалку од 5 проценти од неговите 299 милиони дневно активни корисници, пренесува "Reuters".
„Договорот за Твитер е привремено одложен додека се чекаат деталите кои ќе потврдат дека лажните профили навистина претставуваат помалку од 5 проценти од корисниците“, напишал Маск денеска на Твитер.
Акциите на оваа социјална мрежа по неговиот твит паднале за 17,7 проценти на 37,10 долари на тргувањето пред отворањето на Њујоршката берза, што е нивно најниско ниво откако Маск на почетокот на април најавил дека купува 9 проценти од уделот на Твитер и после тоа дал најдобра и конечна понуда за 100-процентно преземање на таа компанија.
Twitter deal temporarily on hold pending details supporting calculation that spam/fake accounts do indeed represent less than 5% of usershttps://t.co/Y2t0QMuuyn
— Elon Musk (@elonmusk) May 13, 2022
Проценетата веројатност дека купопродажниот договор ќе биде заклучен по понудената цена паднала под 50 проценти прв пат во вторникот, кога акциите на Твитер паднале под 46,75 долари.
Маск, најбогатиот човек на светот, рекол дека еден од неговите најголеми приоритети по преземањето на Твитер ќе биде укинувањето на спам ботовите од платформата. Од Твитер не одговориле веднаш на барањето од "Reuters" за коментар по повод денешната порака на Маск.