Салваторе Сами Гравано бил еден од клучните луѓе на мафијашкото семејство Гамбино. Во едно интервју открил што значела за него Коза ностра и кои се добрите и лошите страни на мафијата.
„Коза ностра е дел од моето наследство како Италијанец. Коза ностра доаѓа од Сицилија. Формирана е во 12-тиот век. Можеби дури и малку порано. Тогаш се нарекувале кланови и ги штителе луѓето. Коза ностра во еден момент прераснала во мафија, пристигнала во САД и останатото се знае“, рекол Гравано.
Истакнува дека како дете ја немал привилегијата да заврши средно училиште.
„Сакав да одам на факултет и да станам доктор. Бев во банда. А Коза ностра ме одржуваше во живот. Мафијата ти нуди моќ. И уште нешто - никогаш не ја гледав мафијата како предатор во општеството. Крадевме, се убивавме меѓу себе. Но никогаш не убивавме жени и деца и невини луѓе. Не убивавме луѓе надвор од мафијата. Ние земавме само еден дел од колачот. Политичарите земаа се“, рекол Гравано.
Вели дека Коза ностра има свои добри и лоши страни.
„Ако сме јас и ти членови на Коза ностра и ти загинеш, твојата сопруга ми станува како сестра. А не е потребно ни да ја познавам. Твоите деца ми стануваат внуци. Ако некој им се заканува тогаш имаат проблем со мене. Убивањето е веќе друга приказна. Тоа е лошата страна на Коза ностра, мрачната страна“, рекол Гравано.
Зборувајќи за законот на молчењето, Гравано вели дека тој реално не претставува ништо ако не го почитуваш. А би требало, како што вели, да означува целосно молчење. Нагласува дека предавството во мафијата е неизбежно.
„Предавството во мафијата е неизбежно. Тука има завист, алчност, љубомора. Кога налетувате на такви луѓе, бегајте од нив. Тие се полоши од силувачи. Немајте работа со таквите бидејќи кога-тогаш ќе ве предадат. Таквите луѓе не се менуваат“, рекол Гравано.