Градоначалникот на Фиренца за Влаховиќ: Ова е засрамувачки и ги гази нашите навивачи

Макфакс

26/01/2022

21:11

3.436

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела, смета дека најавениот трансфер на Душан Влаховиќ од Фиорентина во Јувентус ги гази и посрамотува навивачите на клубот, а поранешниот италијански премиер, Матео Ренци, отиде понатаму опишувајќи го трансферот како ден за жалост.

Трансферот од 75 милиони евра ги задоволува условите на Фиорентина, но навивачите на Виола се навредени што се работи за трансфер во лутиот ривал Јувентус, иако иста понуда имало од Арсенал, Тотенхем и од Њукасл.

„Како навивач, не можам да скријам дека е разочарувачки што го губиме најдобриот играч среде сезона, особено да се приклучи тим што ни е директен ривал на табелата. Во основа ова е доказ дека модерниот фудбал се оддалечува од своите фанови и од автентичноста и дека е предводен од луѓе со преголема моќ. Романтичната идеја на фудбалер симбол е одамна минато, но кај навивачите на Виола има одредени вредности и страст, кои, за жал, се прегазени и посрамотени од вакви ситуации“, изјави Нардела за „Ла Газета дело спорт“.

Поранешниот премиер Ренци исто така имаше само грди зборови за трансферот.

„Во живо сме на телевизија, така што не смеам да пцујам. Ова е како ден на жалост во Фиренца. Имав 15 години кога Роберто Баџо беше продаден во Јувентус и бев дел од навивачите што протестираа на Пјаца Савонарола. Бесен сум. Зошто Фиорентина мора да продава на Јувентус? Барем пратете ги во други клубови“, вели Ренци.

Влаховиќ е трет голем трансфер на релација Фиренца – Торино по Федерико Бернардески и Федерико Киеза.



Спонзорирани линкови

Маркетинг