Се намалува периодот на изолација или карантин на 7 дена

Макфакс

26/01/2022

20:41

3.731

Големина на фонт

а а а

Владата на денешната седница донесе одлука за намалување на периодот на изолација за лицата кај кои лабораториски е утврдено присуство на Ковид-19, како и периодот на самоизолација/карантин на лицата што биле во близок контакт со потврден случај со Ковид-19.

Во согласност со овие препораки на лицата што се лабораториски потврдени на Ковид-19 (со ПЦР-тест или со брз антингенски тест), а кои не развиле симптоми на болест, односно се асимптоматски случаи на Ковид-19, им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита (носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метра, честа дезинфекција на рацете, избегнување групирање).

За лицата што се лабораториски потврдени на Ковид-19 (со ПЦР-тест или со брз антингенски тест), а кои развиле клиничка слика соодветна на вирусот, односно се симптоматски случаи, им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни дена доколку лицето е без покачена телесна температура.

Според овие промени, лицата што имале блиски контакти на потврдени случаи на Ковид-19 се упатуваат во домашна самоизолација/карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот, потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита.

Исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин да има за оние лица што исполнуваат еден од следните критериуми:

– вакцинирани против Ковид-19 со две или три дози, а од последната доза не поминале повеќе од шест месеци;

– прележан Ковид-19, а позитивниот тест не е постар од шест месеци;

– лицата што се блиски контакти, а кои заради исполнување на горенаведените критериуми се исклучени од самоизолација/карантин, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај.

Датумот на последниот контакт со потврдениот случај се смета за нулти ден.



Спонзорирани линкови

Маркетинг