Црногорска водителка за време на утринска емисија изјавила дека жените можат да испровоцираат насилство

Точка

26/01/2022

18:28

9.720

Големина на фонт

а а а

Водителката на утринската програма на РТЦГ, Јована Божариќ-Станишиќ, ја шокираше јавноста со изјавата за насилството врз жените и ставот дека тие „можат да испровоцираат злоставување со однесувањето“, а од невладиниот сектор на оваа држава бараат дисциплинска постапка против неа.

Гостинка на емисијата била координаторката на СОС телефон, Билјана Зековиќ, која со водителката и нејзиниот колега Борис Шаранчиќ зборувала за насилството врз жените.

Додека на екранот стоела пораката „На насилството не смееме да молчиме“, Божариќ-Станишиќ изјавила дека смета дека постои и „друга страна“.

„Постои и друга страна, а тоа е кога жената со тоа како се однесува и што прави предизвикува и мажот да се однесува како што не треба. Не мора секогаш да биде баш така како што сте навеле“, изјавила водителката, а на тоа Зековиќ ѝ одговорила дека постои само една страна кога станува збор за насилство.

„Јас се водам по она дека жената, кога е момент нешто да се избегне или да не се каже за да не се испровоцира спротивната страна – треба да прекине. Има жени кои не прекинуваат, навистина ги има“, продолжила таа.

Видеото на кое водителката ги изнесува своите ставови за насилството брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика лавина критики поради нејзините ставови, но и на сметка на јавниот сервис.

Менаџментот на РТЦГ се оградил од ставот на Божариќ-Станишиќ и во соопштението навел дека нејзините изјави во утринската програма се во спротивност со ставовите на уредништвото и програмската политика на јавниот сервис.

Активистите и невладините организации на Црна Гора го повикале уредништвото на телевизијата да отпочнат дисциплинска постапка и јасно да се оградат од, како што наведуваат, „испадот на водителката со кој се оправдува насилството над жените“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг