Кина го цензурирала култниот „Fight Club“ и му го променила крајот: Фановите велат дека филмот е осквернавен

Точка

25/01/2022

22:28

7.241

Големина на фонт

а а а

Го знаете ли првото правило на „Fight Club“ во Кина? Не го споменувајте оригиналниот крај на филмот. А второто правило? Променете го крајот така што полицијата победува.

Кина има некои од најрестриктивните правила за цензура на светот поради властите кои секоја година одобруваат само неколку странски филмови, но и тоа понекогаш доаѓа со големи измени во приказната на остварувањето.

Помеѓу најновите филмови кои се подложени на таква обработка е култниот класик на Дејвид Финчер од 1999 година – „Fight Club“. Љубителите на овој филм во Кина во текот на викендот забележале дека верзијата која од неодамна е достапна на стриминг платформата „Tencent Video“ доживеала преобразба која во целост ја трансформира анархистичката, антикапиталистичка порака поради која филмот стана светски хит.

Во завршните сцени на оригиналот, ликот на Едвард Нортон го убива своето имагинарно алтер его, Тајлер Дарден (кој го глуми Бред Пит), а потоа набљудува како неколку згради експлодираат, сугерирајќи дека планот на неговиот лик е да ја уништи модерната цивилизација каква што е.

Наместо експлозии – затемнет екран и опис на крајот

Но, новата верзија во Кина зазема поинаков пристап. Нараторот и понатаму продолжува со убиството на Дарден, но сцената во која се случуваат експлозии е заменета со затемнет екран и напишан опис на крајот на филмот.


„Полицијата набрзо го сфатила целиот план и ги уапсила сите криминалци, успешно спречувајќи експлозија на бомби“, пишувало на крајот, а потоа се додава дека Тајлер е испратен во „лудница“ на психолошко лекување и подоцна е пуштен.

Во овој момент не е јасно дали владините цензори наредиле алтернативен крај или продуцентите на оригиналниот филм направиле промени, а од „Tencent Video“ немале коментар на тоа прашање.



Спонзорирани линкови

Маркетинг