Германското списание „Фокус“ го прогласи Требиње во Босна и Херцеговина за најдобро место на светот за живеење по заминување во пензија.
„Фокус“ ја направил ранг-листата со споредување на 575 градови во светот, а како критериум, помеѓу останатото, ја зел безбедносната ситуација и квалитетот на здравствената заштита по мислењето на странците кои живеат таму.
Во изборот за најдобро место за живот по пензионирањето се земени предвид и просечната кирија и трошоците за живот во споредба со Берлин, добрата клима, квалитетот на воздухот и колку брзо и без стрес можете да поминете низ градот со автомобил или јавен превоз.
Босанскиот Требиње, според оцената на „Фокус“, освоил 81,9 поени од вкупно 100, со што оваа година од врвот е симнат минатогодишниот победник – грузискиот град Батуми.
Најмногу поени се однесувале на кириите, трошоците за живот и здравствената заштита, а секоја земја се појавува на листата само еднаш со својот најдобар град. Оваа година Требиње забележа напредок од 1,1 поен.
Германскиот магазин пишува дека Требиње се наоѓа во најјужниот дел на Босна и Херцеговина и e близу до морето и дека тоа е најмалото место кое се нашло на оваа листа.
„Фокус“ истакнува дека градот е историски интересен, со католичка катедрала, српски православен манастир и џамија кои ги илустрираат различностите.
Помеѓу десетте најдобри места за „златното доба“ по Требиње се Анталија во Турција, Мангалор во Индија, Чингдао во Кина, Куенка во Еквадор, Сорокаба во Бразил, Коимбра во Португалија, Великo Трново во Бугарија, Темишвар во Романија и Осиек во Хрватска.