Во овој музеј кустосите носат панцири, а за влез е потребна дозвола од Министерството за унификација

Точка

06/12/2021

15:31

10.075

Големина на фонт

а а а

На „ничија земја“, демилитаризирана зона помеѓу Јужна и Северна Кореја, се наоѓа ни помалку ни повеќе туку уметнички музеј.

На 38-та паралела, на која е повлечена граница помеѓу двете Кореи, јужнокорејски и меѓународни уметници можат да ги изложат своите дела во музејот симболично наречен „UniMaru“, пишува „CNN“.

„UniMaru“ е кованица од два корејски збора: „уни“ што значи едно и „мару“ или простор.

Првата изложба во необичниот музеј наречена „2021 DMZ Art and Peace Platform“ се одржа во септември оваа година, а истата била составена од 34 уметнички дела од 32 автори.

На отворањето посетителите ги дочекал отворен кров за да можат да видат повеќе од челичната фасада „која ја претставува лиминалноста на времето и просторот во демилитаризираната зона“, велат организаторите на изложбата.


Во зградата која до почетокот на 2021 година била празна, гостите можат да видат и една празна рамка. Таа е резервирана за дела на севернокорејски уметници, кои, организаторите се надеваат, ќе бидат изложени во нивниот музеј.


Бидејќи Јужна и Северна Кореја технички се уште се во војна, вработените во музејот и посетителите мора да бидат подложени на превентивни мерки. Јеон Шим Чанг, уметничка директорка на „UniMaru“, за „CNN“ вели дека работниците во текот на поставувањето на изложбата носеле панцири, а безбедносната проверка на посетителите е опсежна.

Во просториите на уметничкиот музеј не може да влезат повеќе од 30 лица одеднаш, делумно и поради коронавирусот, а пред посетата мора да се побара дозвола од јужнокорејското министерство за унификација.


Кога ќе им се одобри посетата, гостите до „UniMaru“ ги превезува специјален автобус, а за влезот постои и правилник на облекување - забранети се мини здолништа, шорцеви и се она што на себе има камуфлажен дезен. Исто така, забрането е и фотографирање, како и посета на деца помлади од 8 години.



Спонзорирани линкови

Маркетинг