Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари средба со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, кој престојува во работна посета на земјава.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата е разговарано за европската перспектива на Северна Македонија и регионот како заедничка стратешка цел, како и за актуелните состојби во тој контекст.
Димитров упатил благодарност за континуираната американска поддршка на европските интеграции и партнерството и сојузништвото во справувањето со глобалните предизвици како израз на заедничките вредности.
„Делиме иста визија за иднината на Северна Македонија и регионот и поддршката од САД како наши партнери и сојузници секогаш била двигател на процесите. Почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија ќе означи заокружување на едно поглавје во исполнувањето на заедничката стратешка цел и создавање нов момент за европската иднина на регионот како гарант на стабилноста и демократијата. Надминувајќи ги актуелните предизвици, ќе можеме да се насочиме кон унапредување на споделените вредности и продлабочување на партнерството во тој поглед“, посочил вицепремиерот.
Ескобар ја истакнал посветеноста на Северна Македонија како НАТО-сојузник во обезбедувањето на регионалната безбедност и промовирањето на евро-атлантските вредности, при што ја посочи важноста на преспанскиот договор како столб на мирот и сигурноста во регионот.
Тој нагласил дека покажаното лидерство и заложбите во реформскиот процес треба да бидат валидирани со заслужен напредок во европските интеграции на земјата преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во процесот на преговори.