Како јужноафриканските научници ја откриле омикрон варијантата на коронавирусот?

Точка

02/12/2021

21:08

4.325

Големина на фонт

а а а

Лабораториските техничари во лабораторијата "Lancet" во Јужноафриканската Република на почетокот на ноември пронашле необични обележја во примероците кои ги тестирале на коронавирусот.

Откриле дека во тоа што би било нормален профил на геном на вирусот недостасува ген, а ПЦР тестовите не откриле една од очекуваните карактеристики, што било сигнал дека нешто во врска со вирусот се променило.

Само неколку дена подоцна, истиот феномен бил пријавен во одделот за молекуларна патологија на "Lancet" во Јоханесбург.

Три недели подоцна, тоа што јужноафриканските експерти го откриле станало познато ширум светот како омиркон сојот на коронавирусот.

Д-р Алисон Глас, патолог од одделот на "Lancet", рекла дека откритието на новиот сој се поклопило со наглиот раст на нови Ковид-19 случаи во делови од Јужноафриканската Република.

Провинцијата Гуатенг, во која е сместен Јоханесбург, на почетокот на ноември забележала помалку од еден процент заразени, а во рок од две недели бројот скокнал на шест проценти, за во средата да достигне 16 проценти позитивни случаи од вкупното тестирање.


"Откритието на новата варијанта предизвикало загриженост дека не чека уште еден скок во бројките. Првата помисла беше: Ништо од мирен декември и божиќен одмор", рекла Глас.

Наглиот пораст на нови случаи во Гаутенг не минал незабележано во Мрежата за надзор на генетика, а директорот Тулио де Оливеира свикал состанок за 23-ти ноември. Во изјавата за "New Yorker" рекол дека од еден член на Мрежата дознале дека приватната лабораторија "Lancet" пратила шест геноми на мутираниот вирус, а по увидот во истите биле прилично загрижени бидејќи откриле неуспех на една од сондите во ПЦР тестирањето.

Било утврдено дека сојот многу често се појавува. Тулио подоцна на Твитер објавил информација дека за помалку од две седмици новиот сој доминира во сите инфекции по делта сојот во Јужна Африка.


Потеклото на омикрон и натаму е мистерија

И натаму е непознато каде и кога омикрон се појавил, ниту е дефиниран нултиот пациент, односно првото лице кое било заразено со овој сој.

Како што рекол за "CNN" директорот на Центарот за контрола и превенција на болести во Африка, Џон Нкенгасонг, "не може да се открие од каде потекнува овој сој".

"Првите случаи се забележани и идентификувани во Боцвана, а потоа во Јужна Африка", рекол тој, истакнувајќи дека тоа не значи дека од таму потекнува сојот.

"Тоа би можело да биде последица на избивање на вирусот, веројатно во некои делови на подсахарска Африка, каде не се спроведува голем геномски надзор и каде стапката на вакцинација е ниска", објаснува Мајкл Хед, висок научен соработник на Универзитетот Саутемптон.

Обидот за влез во трагата за потеклото на омикрон би можел да биде залуден ако знаеме дека веќе некое време е во оптек, пишува "CNN".




Спонзорирани линкови

Маркетинг