Во вчерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, открил дека во извештаите од МВР за неспроведување на анти-ковид мерките за автобусот кој ја предизвика трагедијата во Бугарија, се евидентирани регистарски таблички кои не постојат.
„Ја поминал границата над 130 пати. Јас добив 58 извештаи од Министерството за внатрешни работи од Деве Баир и сите регистарски таблички на возилата се регистрирани. И јас ја имам оваа регистарска табличка. Но, тоа не е тој автобус. Табличката на овој автобус не постои“, вели Хусеини одговарајќи на новинарското прашање дали автобусот бил нерегистриран.
Хусеини е зачуден како Царинската управа дозволила автобусот на „Беса Транс“ да ја помине границата без лиценца и додаде дека управата има законска обврска да го извести Инспекторатот доколку некој автобус не поседува лиценца.
„Јас не сум одговорен за ова што се зборува дека ја поминал границата 130 пати и што не е регистриран никаде, и јас се чудам. Јас не добив никакво известување од Царинската управа дека автобус на Х (икс) компанија ја поминал границата без извод од лиценца, и покрај тоа што има законска обврска да ме извести и да не дозволи автобусот да ја помине границата. Едно нешто е јасно – ако нема извод, не смее да ја помине границата“, истакна Хусеини.