Време е ЕУ "да размисли за задолжителната вакцинација против ковид", рекла денеска шефицата на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, нагласувајќи дека владите на земјите членки ќе одлучуваат за таа мерка.
"Мојот личен став е разбирливо и прикладно сега да ја водам оваа дискусија", рекла таа на конференцијата за медиуми, истакнувајќи дека третина од 450 милиони жители во ЕУ се уште се невакцинирани.
"Како можеме да ја поттикнеме и потенцијално да размислуваме за задолжителна вакцинација во Европската унија? За тоа е потребна дискусија. За ова е потребен заеднички пристап. Но мислам дека тоа дискусија која ќе мора да ја водиме", рекла таа.
Фон дер Лајен вели дека комплетната вакцинација и бустерите им даваат на граѓаните засега најмоќна заштита против коронавирусот во ситуација на двојна опасност, четвртиот бран на пандемијата и појавата на нов сој на коронавирус.
"За новиот сој омикрон СЗО вели дека е високо ризичен. Ние уште не знаеме доволно за тој сој, но знаеме доволно за да бидеме загрижени. Очекуваме дека за две до три недели ќе добиеме информации за новиот сој, а до тогаш ни претстои трка со времето која треба да ја искористиме за вакцинација и бустер", вели фон дер Лајен. Претседателката на ЕК најавила дека ЕУ до крајот на март ќе добие дополнителни 360 милиони дози вакцини од компаниите Фајзер и Модерна, што, според нејзините зборови, е доволно за бустер доза на сите вакцинирани Европејци.
Истовремено, во договорот со тие две компании се работи на забрзана испорака на вакцини за деца, кои во ЕУ би требало да бидат достапни до 13-ти декември.
Во случај постоечките вакцини да не даваат доволна заштита кога станува збор за новиот сој, Урсула фон дер Лајен наведува дека на научниците им се потребни околу 100 дена да ги прилагодат вакцините на новата мутација.