Болниците во Холандија поради ковид откажуваат хемотерапии и трансплантации на органи

Макфакс

25/11/2021

13:24

1.783

Големина на фонт

а а а

Некои холандски болници го прекинаа третманот со хемотерапија и трансплантацијата на органи, за да ослободат кревети на интензивна нега за се поголемиот број пациенти со Ковид-19, соопштија официјални лица.

Здружението на холандски болници за витална грижа соопшти дека побарало од министерот за здравство, Хуго де Јонге, да развие национален план за Ковид-19, според кој ќе се откаже редовната нега која бара ноќевања.

Бројот на пациенти заразени со коронавирус во болниците се искачи на рекордни нивоа, кои не се забележани од почетокот на мај, а експертите предупредија дека болниците ќе го достигнат својот полн капацитет за нешто повеќе од една недела, доколку вирусот не биде контролиран. Неделава неколку пациенти со Ковид се пренесени во германските болници.

Реагирајќи на рекордно високите стапки на инфекција, водечкиот владин тим за управување со пандемијата, синоќа свика итен состанок и се очекува да бидат објавени нови мерки за затворање во петок.

Иако околу 85 отсто од возрасната холандска популација е целосно вакцинирана против Ковид-19, новите случаи достигнаа рекордно високо ниво од 23.709 за 24 часа од средата и се во пораст за речиси 40 отсто на неделна основа.

Според новата фаза од планот за одговор на кризи, болниците би можеле да побараат и помош од воен персонал и студенти во грижата за пациентите.

Од почетокот на пандемијата, Холандија има регистрирано повеќе од 2,5 милиони случаи и повеќе од 19.000 смртни случаи.

По укинувањето на повеќето мерки за социјално растојание кон крајот на септември, холандската влада повторно го воведе носењето маски и делумно затворање овој месец, а кафулињата и рестораните се затвораат во 20 часот.

Планот на владата да го забрани пристапот до јавни места за повеќето невакцинирани луѓе предизвика насилни протести, при што повеќе од 170 луѓе беа уапсени низ целата земја.



Спонзорирани линкови

Маркетинг