Изгаснат пожарот во Градскиот парк! Сопственикот на ресторанот „Томче Софка“: „Се обидов со црево да го гаснам пожарот додека ги чекавме пожарникарите“

Точка

26/10/2021

18:16

4.999

Големина на фонт

а а а

Пожарот кој ја зафати напуштената барака на поранешниот суд за прекршоци во Градскиот парк е изгаснат, јавува новинарот на „Телма“, Петар Догов.

На терен интервенираа четири протипожарни возила, информира „Телма“.

Командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски изјавил дека нема голема матерјална штета, ниту повредени или жртви.


„Пожарот беше пријавен во 15:50 часот. Се работи за запалена барака на Судот за прекршоци, која е напуштена околу 5-6 години. Нема жртви и нема повредени, туку станува збор само за материјална штета. Учествувавме со 6 возила и со 20 пожарникари, а на помош добивме две цистерни од ЈП „Комунална хигиена“. Од самата топлина на бараката е зафатена и конструкцијата на прозорецот на спортската сала „Партизан“, но нема оштетување во внатрешниот дел од објектот“, изјавил Симоновски.

Трае увид на местото на пожарот за да се утврдат причините.

Како што пренесува „Плус Инфо“, пожарот зафатил дел од покривот на хотел-ресторанот „Томче Софка“, но пожарникарите успеале навремено да реагираат и да спречат поголема трагедија.


Гостите од хотелот веднаш биле евакуирани, а на терен се излезени 20 пожарникари со повеќе противпожарни возила.

Сопственикот на хотел-ресторанот „Томче Софка“, Томислав Каранфилов, рекол дека оштетен е кровот на неговиот објект, но како што вели, материјалната штета е многу мала.

„Направена е мала материјална штета, но сето тоа ќе се санира и голема среќа е тоа што пожарникарите пристигнаа навреме и го локализираа пожарот. Немам некоја голема штета и гледам дека веќе пожарот ја губи силата и за брзо време ќе биде изгаснат. Јас бев внатре во ресторанот кога одеднаш забележав црн чад и пламен и веднаш повикав Брза помош. Но, пожарот одеднаш избувна и почна многу брзо да ја проголтува бараката. Јас се обидов со црево да го гаснам пожарот додека ги чекавме пожарникарите, но не можевме да постигнеме“, изјавил Каранфилов.




Спонзорирани линкови

Маркетинг