Ни претстои тешка сезона на грип, предупредува Европскиот центар за превенција на болестите

Макфакс

26/10/2021

16:11

831

Големина на фонт

а а а

Постарите луѓе во Европа би можеле да се соочат со тешка сезона на грип, која, кога ќе се додаде на тековната пандемија на коронавирусот, има потенцијал да ги оптовари здравствените системи на ЕУ, предупредува Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (ECDC).

Европската агенција објави дека циркулацијата на грипот во Хрватска веќе го надминала сезонскиот праг, што е невообичаено рано, пренесуваат медиумите во регионот.

Во меѓувреме, грипот што најмногу циркулира оваа година, А (H3N2), повеќе ги погодува постарите луѓе и е поврзан со намалената ефикасност на вакцината против грип, велат експертите.

Раното откривање на овој подтип е индикација дека претстојната сезона на грип може да биде тешка, вели шефот на програмата за грип на Европскиот центар, Паси Пентинен.

„Наглиот пораст на инфекциите со грип за време на тековната пандемија на Ковид-19 може да има сериозни последици за постарите лица и може дополнително да ги оптовари здравствените системи, кои и онака се на работ на издржливост поради Ковид-19“, додаде Пентинен.

ЕЦДЦ забележа дека ограничувањата поврзани со пандемијата за време на минатогодишната сезона на грип речиси го елиминираа ширењето на болеста во европскиот блок, што укажува на тоа дека мерките, како што се маските и дистанцирањето, биле ефективни против грипот.

Во меѓувреме, вакцинацијата против коронавирусот и грипот обезбедува заштита од сериозни болести, рече Пентинен, додавајќи дека ова е особено важно за оние што работат во здравствени и старски домови.



Спонзорирани линкови

Маркетинг