Дали сте слушнале за Јабука, хрватски остров во чија близина иглата на компасот „полудува“?

Точка

20/10/2021

15:14

30.745

Големина на фонт

а а а

Околу 70 километри западно од Вис се наоѓа Јабука, мал вулкански остров кој претставува вечен предизвик за авантуристите. Тој е речиси невидлив на географската карта и важи за најоддалечениот хрватски остров.

Јабука е стрмна, 96 метри висока клисура со пирамидален облик. Островот, познат уште и како Црна пирамида, е ненаселен бидејќи неговите стрмнини не дозволуваат изградба на какви било објекти, а морето во околина е длабоко и повеќе од 260 метри поради што е речиси невозможно да се усидри брод.

Покрај тоа, карпите немаат природни испакнатини за кои може да се врзуваат чамци. Малиот остров е на удар од сите ветрови, а дури и најслабите креваат големи бранови – затоа ви треба многу знаење и среќа за да стигнете до островот.


Во црните вулкански карпи се наоѓа магнетит, поради што магнетната игла на компасот целосно „полудува“ доколку се приближите до островот со брод. Со тоа, овој навигациски уред покрај Јабука станува потполно бескорисен.

На Интернет можат да се најдат неколку снимки од вешти едриличари кои успеале да стигнат до островот и да се искачат на неговиот врв, од каде снимиле фантастичен поглед на бескрајното синило.

Околното море е богато со риби и ракчиња, поради што ова подрачје најчесто го посетуваат рибари. Покрај тоа, поради суровата клима на островот, преживуваат само два ендемични видови: црниот гуштер и растението различник. До крајот на минатиот век, на Јабука растел и редок ендемски каранфил, кој за жал е истребен.

Од 1958 година островот е заштитен како споменик на природата, а по Втората светска војна бил користен од југословенската војска за време на вежби за гаѓање од авиони. Големите бродови многу ретко минуваат покрај Јабука бидејќи се наоѓа надвор од повеќето пловни рути, па затоа најчесто го посетуваат оние на кои островот им е цел на патувањето.



Спонзорирани линкови

Маркетинг