Ѓоргиев за Сител: „Изјавата на Заев ја гледам како порака до Бугарија за помирување“

Точка

25/09/2021

21:19

3.366

Големина на фонт

а а а

Историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на макдонскиот тим во заедничката македонско – бугарска Комисија за историски и образовни прашања, смета дека изјавата на премиерот Зоран Заев за бришење на придавката бугарски од фашистички окупатор на спомениците и во учебниците, е порака до Бугарија дека за историското помирување помеѓу двата народа треба да се разговара.

Според Ѓоргиев, вистинските зборови се „простување, но не заборавање“.

„Кога станува збор за т.н. политики на сеќавање на една нација за своето минато тогаш за носењето решенија за таа политика, сеќавање кое обично се сведува на она што пишува на спомениците и како јавноста го перцепира тоа минато, видено преку очите на политиката, тогаш потребни се многу дебати, разговори, потребно е консензус во јавноста да се донесе одредена одлука на кој начин ќе биде претставен одреден настан или личност од минатото. Оваа изјава на нашиот премиер јас не ја гледам како изјава која веднаш ќе биде спроведена и со која веднаш од утре ќе се тргне на терен да се бришат некои придавки од она што е досега востановено. Повеќе јас ја гледам таа изјава како обид, порака до другата страна дека во однос на историското помирување помеѓу македонскиот и бугарскиот народ треба да се разговара, треба да се разговара за сите болни прашања кои постојат меѓу нас и нив и дека тоа е решението да дојде до помирување“, рече Ѓоргиев во интервју за ТВ Сител.

На прашањето дали ова значи да си простиме, но да не заборавиме, историчарот одговори дека апсолутно тие се вистинските зборови „простување, но не заборавање“.

За тоа дали има реакција или одглас од бугарска страна, Ѓоргиев посочи дека тоа е поголемиот дел од проблемот бидејќи досега сите обиди што ги направи и Комисијата и нашата политика со цел да се постигне некој позитивен одговор оттаму, наидоа на еден многу тврд ѕид.

„И затоа ваквата една би рекол изјава, обид на премиерот, на некој начин да се поттикне тој разговор меѓу двете страни, наиде на остра реакција кај нашата јавност, бидејќи од другата страна не слушнавме ништо друго освен отворено негирање на нашата историја, на нашиот идентитет, на македонскиот јазик. Тоа е она поради кое јавноста реагираше“, оценува Ѓоргиев.

Главниот проблем според него е што 'во бугарската историографија и гледање на минатото на Македонија, преовладува мислењето дека Македонија е историски бугарска земја'.

„Тоа е присутно и во учебниците во Бугарија и ние тоа го нотиравме и го дадовме како забелешка која треба да се промени и да се измени во учебниците во Бугарија. И оттука произлегува ставот и на сегашната бугарската историографија и политика дека Бугарија не може да биде окупатор на земја која според нивното гледање на минатото историски е бугарска земја. Затоа тие себе си се гледале или како ослободители на оваа територија, бугарска според нив, или како админстратори. Затоа зборот окупатор за нив е оној болниот збор кој не може да го прифатат“, вели Ѓоргиев.




Спонзорирани линкови

Маркетинг