Челси успеа да ја елиминира Астон Вила во англискиот Лига куп, а за таа цел покрај повеќе од деведесет минути игра, на домаќините им беше потребен и подобар скор во пенал рулетот.
Томас Тухел изведе комбиниран состав во кој шанса добија фудбалери кои вообичаено се на клупата, а по подолго време во нападот стартуваше и Тимо Вернер.
Германецот го постигна единствениот гол за неговиот тим, но подоцна не се најде меѓу играчите кои изведуваа пенал, што донесе и љубопитност меѓу новинарите. За нив е преголема коинциденција што истото се случи и минатата година кога Челси беше елиминиран од Тотенхем, а менаџерот Френк Лампард ја оправда одлуката со повреда.
Шутираа резервистите Лукаку, Маунт и Баркли, како и Чилвел и Џејмс, а Вернер имал објаснување за ваквиот избор.
– Имав болка во препоните, но не можев да ја напуштам играта бидејќи веќе имавме направено три замени. Во таква ситуација, подобро е фудбалерите кои немаат проблем да добијат шанса, – изјавил Вернер.
За Челси е најважно што реализираше четири од пет удари, па веќе размислува за Саутемптон како следен противник во Карабао купот.