Лавата немилосрдно ги голта убавините на Канарските острови, граѓаните остануваат без домови: "Изгубивме сè"

Точка

23/09/2021

12:44

1.641

Големина на фонт

а а а

Евакуираните граѓани се принудени во спортскиот центар да преземаат храна и облека. Сите стравуваат за своите домови и не се сигурни дали ќе имаат каде да се вратат.

Луѓето потонаа...Со тие зборови Хонај Перез, член на секторот за вонредни ситуации на Ел Пасо ја опишува ситуацијата во општината со 7.600 жители каде во неделата еруптирал вулканот. Сепак, Перез не е само службеник, тој е и сосед на овие луѓето. Таму е роден, живеел во Ел Параис каде потокот лава во понеделникот уништувал куќи, патишта, продавници...

Вулканот ја уништил и продавницата на неговата мајка. Вели дека од грижи ослабела пет килограми за два дена. Само производите во продавницата вределе повеќе од 30.000 евра. Но, парите не се единственото нешто што ги мачи граѓаните.


"Повеќето од нас се родени тука. Исчезна целиот наш живот", објаснува Перез.

Неговата ситуација е идентична со таа низ која минуваат и многу семејства во другите градови во близина на вулканот. Лавата таму уништила најмалку 400 куќи. Прекрила површина од 140 хектари, и се слева со површина од 600 метри.


Евакуирани се околу 5.600 граѓани. Во главно сите нашле место каде ќе се сместат, повеќето во куќи на роднини. Околу 200 лица моментално немаат кров над главите. Некогаш живееле во бараки во Ла Палма, а сега чекаат властите да ги сместат во некој хотел.

"Луѓето доаѓаат резигнирани. Многу од нив плачат. Сфатете, луѓето изгубија се", вели социјалниот работник кој во спортскиот центар на евакуираните им дава храна и облека.


Тој треба да ги попише оние кои останале без дом, да дознае дали имаат каде да се сместат или не. Меѓу нив има и многу болни луѓе.

Најголем проблем е тоа што никој не знае колку долго ќе трае ова, ниту како ќе заврши. Има многу од оние кои не знаат што се случило со нивните домови.


Долорос дошла во спортскиот центар откако во вторникот била евакуирана од Тодока. Убедена е дека останала без домот, но тоа не може да ги провери. Целото подрачје е затворено.

"Тој дом е целиот мој живот. Моите родители живееја таму, јас сум родена во таа куќа", вели несреќната жена.


Најголем страв им е за тоа што им носи следниот ден.

"За два месеци кога сето ова ќе заврши и остатокот од Шпанија ќе заборави на нас, главите ќе ни експлодираат. Почекајте, па ќе видите како ќе биде", вели работник од општината Ел Пасо.


"Тука нема Бог. Пред еден месец се боревме со пожари, а сега вулканот", рекла една жителка.

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез и претседателот на Канарските острови, Анхел Виктор Торес се обидуваат никој да не биде изоставен кога ќе се работи на реконструкцијата на островот. Торес во вторникот рекол дека ќе побара помош од Европската Унија. Во изработка е и посебен план кој предвидува помош за тешко погодените во ерупцијата. Според овој план би требало да се реконструираат куќите, да се обнови инфраструктурата и да се донесат посебни фискални мерки за погодените граѓани и компании..


Граѓаните се загрижени дали оваа помош некогаш ќе дојде до нив.

"Мајка ми планира од државата да побара помош за повторно да почне со работата", вели Перез.


Лавата ги заобиколила домовите на некои од неговите соседи, но тие не сакат да е вратат во куќите околу кои се е уништено.

"Нашето соседство е како големо семејство. Зборував со еден сосед, лавата ја заобиколила неговата куќа, но тој повеќе не сака да оди во Ел Параис", вели еден од мештаните.


Додека чекаат да видат што ќе донесат наредните денови, припадниците на Секторот за вонредни ситуации прави се за лавата да причини што помалку штета. Пожарникарите копаат ровови со помош на тешка машинерија за да ја пренасочат лавата подалеку од куќите.

"Надлежните ги разгледуваат сите можности. Водени се од искуствата на Финците и колегите од Исланд. Ние нема да престанеме со работа. Можеби требаше да направи порано, можеби е бескорисно, но нема да знаеме додека не се обидеме", велат пожарникарите.


Инаку, Кумбре Вијеха и утрово исфрлал лава, додека токсична пепел ја прекрива околината. Лавата веќе пет дена постојано тече низ падините на вулканот.

Порталот за недвижнини "Idealista" проценил дека вулканот досега уништил имот во вредност од околу 87 милиони евра.




Спонзорирани линкови

Маркетинг