Царовска за Сител: „Родителите да си бараат таблет од училиштата“

Точка

20/09/2021

21:31

2.893

Големина на фонт

а а а

Министерката за образование и наука Мила Царовска во Тема на денот на Сител Телевизија истакна дека таблети во министерството има и дека родителите се тие кои треба да си побараат таблет од наставниците или од училиштата.

„Министерството испечати 20 проценти од вкупниот број на учебници и ги дистрибуираше до секое школо согласно бројот на ученици што значи дека наставниците во училишните библиотеки веќе имаат учебници кои што се печатени. Родителите не треба да ги печатат. Но главно, дигиталните учебници треба да се користат како дигитални секаде каде што има можност затоа што квалитетот на учебник кој е дигитален и целта што треба да ја постигне никако не може да се постигне со печатен учебник“, вели министерката.

Царовска потенцираше родителите да бидат тие кои што ќе бараат од наставниците или од училиштата кои немаат дигитални уреди да ги набават.

„Во министерството имаме на располагање и таблети. Родителите да си бараат таблет и да го посочуваат и мотивираат ученикот да го користи дигиталниот учебник затоа што таму има содржина која што ќе му даде можност да истражува, да решава квизови и сето тоа во интерес на учењето“, рече Царовска.

На прашање што мисли за текстовите во учебниците за кои што родителите се загрижени и велат дека нивните деца не би требало да го учат тоа посебно во учебникот по македонски јазик за четврто одделение, одговори дека е најмалку важно што таа мисли и дека стручната комисија преку дискусија ќе донесе одлука.

„Најмалку е важно што јас мислам. Важно е дека авторката, рецензентите и бирото дискутираат по однос на содржината. Авторката смета дека текстовите се дел од секојдневни ситуации на кои што треба да бидат изложени учениците. Рецензентите и стручните служби треба да донесат заедничка одлука дали тоа останува така или не, во текот на оваа недела. Учебниците ги поминаа сите филтри пред да бидат објавени и до тој момент нема реакција но можеби реакцијата на јавноста отвора нова дискусија помеѓу стручните служби. Штом ќе има информација јавноста ќе биде известена“, рече министерката за образование.

Во однос на информациите дека во учебниците за прво одделение што се принтани има и многу печатни грешки и погрешни зборови и дека има примери каде што учителките ги шкртаат со молив погрешните зборови и ги пишуваат точните, Царовска вели дека досега во министерството не е пријавена ниедна техничка грешка.

„Учебниците се поминати низ многу лектури. Дали има техничка грешка досега кај нас нема пријава. Тоа е модел кој значи унапредување во континуитет. Совршен систем не постои и секоја реакција е добредојдена. Учебниците за прво одделение се оценети со многу високи оценки од самите наставници, од самите родители и за содржината и за илустрациите внатре и за целиот концепт“, рече Царовска.




Спонзорирани линкови

Маркетинг