Овие три европски земји ги укинуваат сите мерки против коронавирусот - како?

Точка

20/09/2021

20:29

96.749

Големина на фонт

а а а

Данска, Шведска и Холандија ги укинуваат практично сите мерки во борбата против пандемијата на коронавирусот.

Во трите земји, стапките на вакцинација се релативно високи, но исто така висока е и довербата во власта. Во овие земји постои надеж дека слободата ќе доведе до уште поголема вакцинација.

Во некои земји во Европа, „враќањето на старо“, односно слободниот живот како пред пандемијата повеќе не е само сон. Вакцинираните граѓани во Холандија од следната сабота (25-ти септември) ќе можат да танцуваат во преполни ноќни клубови без обврска да одржуваат дистанца. Наместо мерки, тие ќе треба да покажат ковид сертификат.


Данска минатата недела ги укина сите рестрикции и со тоа стана првата земја во ЕУ која се врати во „нормала“. На граѓаните не им требаат маски или доказ за вакцинација за да одат на концерт или во теретана. Кон крајот на август, министерот за здравство изјави дека коронавирусот веќе не се смета за „социјално критична болест“.

На овие две земји им се придружува и Шведска, која и онака во текот на пандемијата имаше најблаги мерки. Кон крајот на септември ќе се укинат ограничувањата за јавни и приватни собири, како и препораката да се работи од дома. Но, оние кои ќе патуваат во овие три земји и натаму ќе мора да се тестираат и да одат во карантин доколку не се вакцинирани.

Солидна стапка на вакцинација

Според оксфордската база на податоци „Our World in Data“, три четвртини од вкупното население во Данска се вакцинирани со две дози. Од поголемите земји во ЕУ, само Португалија и Шпанија се пред нив.

Во Холандија и Шведска, околу 63 отсто од сите жители се вакцинирани.

„Помеѓу најранливите категории на пациенти и граѓани, стапката на вакцинација е девет од десет такви случаи“, изјави Алан Рандруп Томсен, виролог на Универзитетот во Копенхаген.

Во Холандија, министерот за здравство Хуго де Јонг верува дека враќањето на претходните слободи, под услов на вакцинација, ќе мотивира многу повеќе луѓе да се вакцинираат.


Нешто слично во Германија бараше претседателот на здружението на општи лекари, Андреас Гасен. Тој ги повика властите да го прогласат 30-ти октомври за „Ден на слободата“, кога сите мерки ќе бидат укинати.

„Се обложувам дека на крајот на октомври ќе ја надминеме стапката на вакцинација од 70 отсто бидејќи многу луѓе ќе побрзаат да ја прифатат таа понуда“, изјави Гасен, но неговите зборови не беа прифатени со голем ентузијазам.

Податоците од Европскиот центар за контрола на заразни болести покажуваат дека делта сојот на вирусот владее особено во земјите каде стапката на вакцинација е ниска, но не само таму. Во Австрија и Норвешка, бројот на заразени расте и покрај сличните стапки на вакцинација како и во земјите кои сега ги укинуваат мерките.

Довербата е клучна

Данска уште кон крајот на мај го претстави својот ковид-пасош во форма на апликација или печатен QR-код. На други места, ваквите владини планови доведоа до масовни протести, како што беше случајот со Франција, Италија и Грција.

Експертите велат дека во Шведска, Данска и Холандија постои огромно ниво на доверба во владините политики и дека токму тоа ја прави разликата.

„Имавме голема програма за тестирање која нѝ овозможи да ја следиме состојбата многу локално, така што имавме локални локдауни кои беа многу ефикасни“, вели Камила Холтен Молер, епидемиолог на Државниот институт за серуми во Копенхаген.


„Успеавме во тоа бидејќи Данците историски имаат голема доверба во здравствените власти и програмите за вакцинација“.

Овие земји сега го разгледуваат бројот на хоспитализации, а не бројот на нови инфекции, бидејќи вакцинираните луѓе, кога ќе се заразат, обично поминуваат со благи или без симптоми.

Сепак, укинувањето на сите мерки е потег на кој повеќето европски земји и натаму не се осмелуваат. Дали со тоа се занемарува ризикот и можеби се оди кон нов локдаун? На тоа Холтен одговара: „Не верувам дека Данска повторно ќе воведе национален локдаун“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг