Миро Кацаров за Точка: „Мислам дека ова е прво издание на Макфест во кое некој водител доби толку многу аплауз“

Точка

18/09/2021

14:00

193.245

Големина на фонт

а а а

На 36-то издание на Макфест, фестивалот на забавни мелодии, за првпат водители се Миро Кацаров и Ведрана Ѓорѓевиќ - кои ги гледаме како водители на „Golden Carpet“.

Пишува: Цеце Николова

Сепак, првпат во ваква форма се заедно пред толкав број на публика - на отворената сцена поставена во спортско-рекреативниот центар „Аква бела ресорт“ во Штип.

По завршувањето на првата полуфинална вечер, видно возбуден, во бекстејџот на „Макфест“ го најдовме Миро, кој откако нѝ призна дека 'чита само Точка и ништо друго', со задоволство прифати да нѝ даде интервју.


Водителот е роден штипјанец, само една година 'постар' од „Макфест“.

„Цел живот го знам Макфест. Имав среќа Трајче Манев, вториот победник на Макфест да биде дел од мојата фамилија. Негови награди сме подигнувале заедно на сцена. Едноставно сум пораснат со Макфест“, вели Миро за Точка.

На прашањето како се најде тој во водителска улога на „Макфест“, Кацаров открива:

„Градоначалникот на Штип оваа година ме покани јас да го водам Макфест заедно со Ведрана и со задоволство ја прифативме поканата. И, мислам дека не згреши градоначалникот, нели?“ низ смеа вели водителот на 36-то издание на „Макфест“.


Иако е секогаш расположен, со подготвени шеги 'за недајбоже' во некој скриен фолдер кај него, Миро сепак имаше очигледна трема, барем на првото појавување на сцената, кога требаше за првпат да ѝ се обрати на макфестовската публика.

„Да бидам искрен, на првата полуфинална вечер имав различни емоции пред да се качам на бина, бидејќи огромен број на ѕвезди имаат настапено на оваа макфестовска магична сцена. За првпат во живот имав трема, но успешно ја совладав. Полуфиналната вечер беше добра, но финалето треба да биде одлично“, признава Миро.

Миро и Ведрана инаку се водители на „G-Carpet“, емисија што се снима и емитува на Канал 5, па го прашавме дали му е полесно да води емисија во студио или фестивал пред голем број публика.

„Различно е да водиш емисија во студио и да водиш ваков тип на фестивал. Во студио имаш пред тебе една или пет камери што го заменуваат збирот на луѓе кои те гледаат, а на бина знаеш дека немаш камера и пред тебе имаш огромна публика и ти значи мислењето на секој. Дефинитивно е потешко на бина, фестивал да водиш“, вели Миро за „Точка“.


Публиката одлично го прифати Миро, а веројатно голем удел во тоа има тоа што водителот е роден токму во Штип.

„Мислам дека ова е прво издание на Макфест каде некој водител, нема да бидам скромен - доби толку голем аплауз. И цело време имаше аплауз, а за тоа ми е многу мило. Го раздрмав фестивалот, го направив подинамичен - влезе во мој стил, а јас во негова традиција“.

И, се разбира, интервјуто не би било комплетно доколку не го прашавме Кацаров кои се неговите фаворити од првата полуфинална вечер.

„Да бидам искрен, фаворити од првата вечер ми се Калина Велковска, Марија Данева и Виолета Арсовска“, искрен е Миро, а за негова среќа, сите три дами се пласираа во финалето.

Не заборавајте, вечерва со почеток во 20:30 часот на МРТВ следете го спектакуларното финале на Макфест 2021.




Спонзорирани линкови

Маркетинг