Детската болница во Козле се полни со пациенти заболени од Ковид-19, а во моментов пет деца се на кислородна поддршка, известува Сител.
Овие деца имаат ниска кислородна сатурација и сите се со сериозна клиничка слика, но нивната состојба е стабилна, информираат надлежните.
„Моето мислење како педијатар иако тоа го делат и моите колеги од болницата е дека ќе имаме зголемување на бројот. Сега се уште е сонце и децата се надвор, но кога ќе бидат затворени прозорците во училиштата тогаш ќе има зголемен број“, вели за „Сител“ д-р Мими Поповска, педијатар во детската болница во Козле.
Ако во претходните бранови во болницата во Козле од три прегледи едно дете имало позитивен наод на ковид, со делта сојот од три во ординација сите три се позитивни. Педијатрите велат дека секоја висока температура и кашлица не е ковид и родителите веднаш да не трчаат во Козле туку да побараат прво помош кај матичните.
„Имаме во чекалните и деца со температура кои не се позитивни и позитивни и доаѓа до мешање на инфекцијата па и тие што немаат можат да добијат. Затоа прво кај матичен и ако состојбата е сериозна болницата е 24 часа достапна за сите пациенти“, вели д-р Поповска.
Од Институтот за јавно здравје до „Сител“ доставиле податок дека од 1-ви до 14-ти септември со Ковид-19 регистрирале 937 деца од 0 до 19 години.
Бројките покажуваат дека повеќе од 80 проценти се ученици во основните и средни училишта.