Заев: Одлуката за оставките ќе ја базирам исклучиво на факти од истрагата

Макфакс

11/09/2021

14:01

4.200

Големина на фонт

а а а

Одлуката за поднесените оставки од министерот за здравство Венко Филипче, од заменик-министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот, вели премиерот, Зоран Заев, во обраќање до јавноста.

Тој вели дека ги примил оставките и дека истите ги разбира како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќа.

„Имајќи предвид дека истрагата се спроведува со висока динамика и дека истата е обезбедена со највисоко ниво на стручност и професионалност, мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот. Очекувам тоа да се случи брзо во следниот период за што уште еднаш апелирам до сите институции за брза и темелна истрага“, вели Заев.

Тој додава дека одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки.

„Апелирам до целиот народ, до јавноста и до претставниците на медиумите, сите да останеме фокусирани на истрагата и на фактите, да го одржиме силен националниот дух, иако сме облеани во тага, да бидеме ангажирани, но и трпеливи, да ја поминеме оваа трагедија заедно и да помогнеме за никогаш повторно да не ни се повтори“, вели Заев.

Премиерот најави дека во текот на следната недела, во првиот момент откако експертската истрага ќе покаже нов посериозен напредок, ќе ги соопшти ставовите на Владата базирани на фактите од истрагата, на прес-конференција на која ќе одговари на сите прашања од медиумите.

Во меѓувреме, додава тој, Владата, министерствата и сите надлежни институции остануваат отворени и достапни за сите ваши прашања.

Во обраќањето, Заев вели дека истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детаљ причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Кон стручноста и кредибилноста на истрагата, додава тој, ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика, за што веќе се реализираат подготвителни извидувања и активности и за што упатувам огромна благодарност до нашиот НАТО сојузник, Германија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг