Земјите од регионот како Србија, Хрватска и Босна Херцеговина ги повлекоа сладоледите „M&M“, „Bounty“, „Snickers“ и „Twix“ кои се увезени од ЕУ земји, а во кои било пронајдено зголемено ниво на етилен оксид, додека во Македонија допрва ќе се спроведува инспекциска контрола за тоа дали и во земјава се увезени такви сладоледи.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека вчера попладне до нив е пристигната нотификација (број 2021.3720) од системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската Унија, која е поврзана со увезени небезбедни кондиторски производи коишто во својот состав содржат адитив со наод на етилен оксид. Станува збор за адитивот „locust bean gum“.
„Согласно воспоставената процедура за постапување по добиената нотификација, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат контрола кај двајца оператори увозници. По спроведената инспекциска контрола ќе бидат утврдени количините и видовите увезени производи и ќе се дефинираат насоките за понатамошно дејствување“, велат од АХВ за „Плусинфо“.
Оттаму додаваат дека, доколку бидат откриени спорни сладоледи, тие ќе бидат повлечени од употреба.
Министерството за земјоделство на Хрватска уште во петокот заедно со увозникот, од претпазливост ги повлекле производите SNICKERS XTRA ice cream bar 66g – single, TWIX ice cream bar 34,2g – 6 pack box, BOUNTY ice cream bar 39,1g – 6 pack box, SNICKERS ice cream bar 48g – 6 pack box, TWIX ice cream bar 47g – single, M&Ms peanut ice cream stick 62g – single. Производите кои се отповикани имаат различни датуми на истекување и број на серии, а со известувањето е објавена и табела со повлечените производи.
Истото денес се случи и во Србија, каде од полиците и магацините низ земјата биле повлечени спорните сладоледи со зголемено ниво на етилен оксид.
„Кој и каде да открие која било неправилност, тоа влегува во системот, така што ги алармира сите во синџирот да постапат на соодветен начин. Наша работа е да ги штитиме потрошувачите, а тоа ќе го правиме и во иднина“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Бранислав Недимовиќ.
Српската управа за ветерина излезе со соопштение по повод ваквата информација:
„На 2 август од страна на системот за брзо известување на Европската Унија пристигна известување како дополнителна информација дека сладоледот увезен од ЕУ го содржи стабилизаторот „Lygomme FM 4600/Box25/STD/E800“ – етилен оксид, кој во Шпанија бил детектиран над дозволените граници“.