Први фотографии од несреќата во Чешка: Во судир на два патнички воза загинале три лица - десетина повредени

Точка

04/08/2021

16:09

1.967

Големина на фонт

а а а

Три лица настрадале во судир на два патнички воза кој се случил утрово на југозападот на Чешка, а повредени се десетина патници.

Чешките железници соопштиле дека во судирот учествувале локален патнички воз и меѓународен брз воз кој одел од Минхен кон западниот чешки град Плзен и натаму кон Прага, главниот град на Чешка.

Полицијата соопштила дека најмалку три лица загинале во судирот кој се случил нешто по 8:00 часот наутро во градот Милавче.

Меѓу жртвите се машиновозачите на двата воза и една патничка, соопштиле властите.


Десетина луѓе биле повредени, од кои пет потешко, се наведува во соопштението на Пожарната служба на регион Плзен.

Четири хеликоптери ги пренесувале повредените во болници во Прага, додека тројца патници кои зборувале на германски јазик биле пренесени во болници во Германија.

Регионалната спасувачка служба соопштила дека на вкупно 52 лица им било потребно згрижување. Исто така пристигнале и спасувачи од Германија за да им помогнат на своите чешки колеги во лечење на повредените.


Сликите од местото на несреќата покажуваат дека е тешко оштетен предниот дел на брзиот воз, со кој управуваат германската компанија "Лендербан" и Чешката железница.

Чешкиот министер за сообраќај Карел Хавличек рекол дека причината за несреќата е веројатно човечка грешка, и дека машиновозачот на брзиот воз не застанал на определеното место.

"Ситуацијата е сериозна", рекол Хавличек.




Спонзорирани линкови

Маркетинг