Хари Кејн предизвика фудаблски земјотрес во Англија откако не се појави на вчерашниот тренинг на Тотенхем, но првиот напаѓач на англиската репрезентација го повтори истото и денеска, со што јасно стави до знаење дека не се шегува кога е во прашање протестот кон раководството на клубот.
Кејн втор ден по ред не се појавил во тренинг комплексот на „петлите“ откако беше побарано вчера за првпат да им се приклучи на своите соиграчи, па угледниот „Скај Спортс“ јавува дека ваквите постапки на најдобриот фудбалер ги разочарале водечките луѓе на клубот.
Поради ваквото однесување, Тотенхем најавува жестока парична казна за напаѓачот кој очигледно повеќе не сака да игра за Тотенхем, па сега на непосакуван начин се обидува да исфорсира толку посакуван трансфер надвор од Северен Лондон.
„Скај Спортс“ во својата ексклузивна вест ова попладне додава дека Кејн ќе се сретне со газдата Даниел Леви претстојниот викенд, а до тогаш нема да се појавува на тренинзите и ќе го продолжи штрајкот кој ќе се одрази по неговиот џеб.
Пред крајот на минатата сезона, Кејн беше убеден дека ќе најде џентлменски договор со Леви за реализирање на голем трансфер од кој клубот ќе добие огромна заработка, но засега ваквите негови прогнози не одат според планот и ситуацијата станува се понепријатна во северниот дел од градот Лондон.