Како што информираат локалните власти и противпожарните служби, шумски пожари има во Ранковце каде се изгорени и куќи, во Кочани каде на две места се зафатени десетици хектари шума, борова шума гори во Делчево и во Пехчево, како и кај локалитетот Кокино, во Старо Нагоричане кумановско.
Пожар има и во села во Македонски Брод, во општина Липково околу Белановце и во скопско.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека се активни 13 пожари, а дека причина за нив се човечкиот фактор и топлото време.
По избувнувањето на повеќе пожари низ источниот и југоисточниот дел на државата, Дирекцијата за Заштита и Спасување одржи итен состанок со цел мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС.
Дадена е наредба за мобилизација на тимовите за пожари, Валандово, Виница, Берово, Битола, Гостивар, Куманово и Скопскиот тим Карпош. Предложено да се вклучат и доброволните противпожарни друштва.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски го информираше претседателот Стево Пендаровски за состојбата со пожарите низ земјата и посебно за големиот пожар во Кочани доцна попладнево.
Екипите на Територијалната противпожарна единица од Кочани информираат дека пожарите на две локации околу Кочани брзо се шират поради силниот ветер и сувата вегетација. Oгнот брзо се проширил во месноста Сламерник во западниот дел над градот и веќе се зафатени дел од куќите и помошните објекти во населбата Белско Маало, како што информираат.
На социјалните мрежи се објавени десетици видеа и фотографии на кои се гледаат огнените јазици како горат околу куќите во градот.
Фото: „360 степени“