Мицкоски: Нема да бидеме дел од циркускиот церемонијал на Пендаровски, претседателот непријатно изненаден од ваквиот потег

Макфакс

01/08/2021

15:18

5.484

Големина на фонт

а а а

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Стево Пендаровски, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали партиска делегација ќе оди утре во Крушево на церемонијата за одбележување на Денот на Републиката.

„Дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Пендаровски нема да биде делегацијата“ рече Мицкоски.

Toj додаде дека традиционално за одбележување на празникот оди во струшкото село Ташмаруништа, каде што рече дека ќе биде присутен и утре.

Претседателот на државата утре нема да има свое обраќање во Крушево. Пендаровски ги покани претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и сите лидери на политички партии застапени во Парламентот заеднички да го прослават Илинден – Денот на Републиката во Крушево на централна прослава.

Пендаровски непријатно изненаден од квалификацијата на Мицкоски за утрешното чествување на Илинден

Претседателот Пендаровски е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на Мицкоски, соопшти кабинетот на претседателот.

„Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани, со целосно потценување на фактот дека државна делегација на чело со претседателот Пендаровски ќе положи венец и свежи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев, на паметникот на хероите на Слива и на самиот Мечкин Камен, а ќе биде присутен и на Панихидата во чест на хероите и нивното дело во црквата „Св. Никола“.


Меѓутоа, имајќи го во предвид фактот дека според Мицкоски чествувањето на Илинден во Крушево на 2 Август ќе биде „циркуски церемонијал“, тогаш не изненадува неговата одлука најголемиот македонски празник да го чествува во Ташмаруништа, наместо во Крушево. Најверојатно затоа што борбите кои се водени во тој крај се далеку позначајни од борбите за ослободување на Крушево со кои се удрени темелите на македонската држава“ се вели во реакцијата.

Како што се додава, претседателот Пендаровски жали што неговиот искрен обид за надминување на длабоките политички разлики барем на Илинден не беше разбран од дел од политичките лидери за кои партијата е сѐ уште пред државата. Независно од тоа, Претседателот ќе продолжи да работи во иста насока, секогаш имајќи ги во преден план државните и национални интереси, стои во соопштението од неговиот кабинет.



Спонзорирани линкови

Маркетинг