Новата книга „27 Heaven“ за животот на покојната пејачка Ејми Вајнхаус ја напишал Ијан Халперин, кој тврди дека близок пријател на Ејми изјавил дека таа „живеела од пијалаци и цигари“ и дека не изела еден соодветен оброк цели 36 дена пред смртта, пренесува „The Sun“.
Ејми почина од труење со алкохол на 23-ти јули 2011 година.
„Беше многу слаба, живееше од цигари“, изјавил изворот за пејачката за која беше познато дека боледува од булимија.
На 18-ти јули, Вајнхаус го одржа последниот концерт кој по многу нешта укажуваше дека нејзиниот крај е близу. На отворената сцена на белградскиот Калемегдан имало 20.000 луѓе, а тоа била нејзината прва голема турнеја по 2 години пауза, а пред неа беше на рехабилитација.
Менаџерите буквално ја истуркале Вајнхаус на сцената, а подоцна сведоци раскажувале дека таа плачела во бекстејџот бидејќи не сакала да пее. Концертот во Белград збунето го започнала со реченицата „Добровечер, Атина“, се тетеравела и не била ни свесна каде се наоѓа.
Публиката пеела наместо неа, го скандирала нејзиното име, пратечките вокали пееле и весело танцувале, а скршената Ејми сè повеќе тонела. По еден час ја одвеле од бината и ја внеле во автомобил, по што ја одвеле во хотелската соба. Таа најпрвин ги откажала концертите во Атина и Истанбул кои требало да се одржат истата недела, а потоа и цела турнеја.
Халперин тврди дека можеле да ја спасат.
„Доколку малку повеќе се концентрирале на нејзиното здравје наместо на парите кои ги носела, и денес би била жива“, заклучил изворот близок до пејачката за новата книга.