Единствената заштита од Ковид-19 во овој момент доаѓа со вакцинација, но во иднина тие вакцини би можеле да доаѓаат во вид на инхалатори или таблети, пишува Би-Би-Си.
Британскиот медиум објави репортажа од една шведска лабораторија сместена во селото Медикон, еден од најголемите научни паркови на југот на Шведска, која прикажува во која фаза се тамошните научници со истражувањата за нови начини на примена на вакцини.
Хемичарката Ингемо Андерсон ѝ покажала на новинарската екипа потенцијална блиска иднина – тенок, пластичен инхалатор со големина на половина кутија за кибрит, за кој тимот се надева дека може да игра голема улога во глобалната борба против коронавирусот, дозволувајќи им на луѓето во домашни услови да земаат верзии од идните вакцини во прав.
„Лесно е и евтино да се произведе“, вели Јохан Ваборг, извршен директор на компанијата која најмногу се занимава со производство на инхалатори за пациенти со астма.
„Само отстранете го малиот пластичен дел, а потоа се активира инхалаторот за вакцини. Ставете го во устата, а потоа длабоко, длабоко вдишете“, објаснува Ваборг.
Станува збор за компанијата Иконово, која соработува со ИСР, стартап компанија која се занимава со имунолошки истражувања во Стокхолм и која разви вакцина во форма на сув прав против Ковид-19. За него користат произведени протеини на вирусот (за разлика од Фајзер, Модерна и АстраЗенека кои користат РНК или ДНК), а истиот може да поднесе температура и до 40 Целзиусови степени.
Токму тоа е главната разлика во условите за чување на моментално достапните вакцини против коронавирус, одобрени од Светската здравствена организација (СЗО), кои се во течна форма и мора да се чуваат на ниски температури, инаку ќе го изгубат дејството.
„Тоа значи дека вакцината во прав може да се дистрибуира многу лесно без „студен ланец“ и може да се применува без потреба од здравствени работници“, изјавил за Би-Би-Си основачот на ИСР, Ола Вингист, професор по имунологија на Институтот Каролинска, еден од водечките шведски медицински универзитети.
Компанијата моментално ги тестира своите вакцини на бета (јужноафриканска) и алфа (британска) соевите на коронавирус. Се верува дека инхалаторот може да се покаже особено корисен за забрзување на воведувањето вакцини во Африка, каде моментално нема домашни производители на вакцини, а топлата клима и ограниченото снабдување со електрична енергија се голем предизвик во однос на чувањето и испораката на вакцини.
Досега е тестиран само на глувци, иако ИСР и Иконово собрале доволно пари за да започнат со студии на луѓе во следните два месеци.
Како што истакнува Би-Би-Си, во медицинската заедница веќе постои оптимизам дека, доколку вакцините во прав како оваа се покажат успешни, тоа не само што може да биде револуционерен глобален одговор на пандемијата, туку и ќе го олесни складирањето и дистрибуцијата на истите за други болести.