Зошто делта сојот е најопасна верзија од коронавирусот? Епидемиолозите даваат одговор

Точка

26/07/2021

15:10

7.073

Големина на фонт

а а а

Делта сојот е наjбрз, најиздржлив и најопасен сој на коронавирусот со кој светот се соочил, тврдат виролозите и епидемиолозите.

Вакцините и натаму нудат голема заштита во одбраната од тешки инфекции и хоспитализации предизвикани од било која верзија на коронавирусот, а оние кои се во најголем ризик и натаму се невакцинираните, според тврдењата на десет водечки експерти за Ковид-19, пренесува „Ројтерс“.

Главната грижа околу делта сојот кој првпат беше идентификуван во Индија, не е во тоа што луѓето имаат тешки симптоми, туку во тоа што многу полесно се шири од една на друга личност, зголемувајќи ги бројот на инфекции и хоспитализации меѓу невакцинираните.


Има сè повеќе докази и дека е во состојба да зарази поголем дел од комплетно вакцинираните луѓе, за разлика од претходните верзии и изразена е загриженост дека тие и натаму би имале можност да го шират вирусот, тврдат експертите.

„Најголемиот ризик за светот во овој момент е делта сојот на коронавирусот“, изјавила микробиологот Шерон Пикок која раководи со британските напори за секвенционирање на геномите на варијантите на коронавирусот, нарекувајќи го делта сојот „најиздржлив и најбрз сој досега“.

Вирусите непрекинато се развиваат во мутации, а се појавиле и нови варијанти кои понекогаш се поопасни и од изворните.

Јавното здравство на Англија во петокот соопштило дека од вкупно 3.962 луѓе хоспитализирани во Британија со делта сојот, од нив 58,3 биле невакцинирани, а 22,8 отсто целосно вакцинирани.

Во Сингапур каде делта сојот е најчестата варијанта на коронавирусот, владата известила дека во петокот три четвртини од случаите биле регистрирани кај вакцинираните луѓе, а меѓу нив немало заболени од тежок облик.


Израелските здравствени служби соопштиле дека 60 отсто од случаите кои моментално се хоспитализирани од ковид се всушност вакцинирани поединци.

Во САД каде се регистрирани најголем број на заразени со Ковид-19 и смртни случаи, делта сојот претставува околу 83 отсто од новите инфекции.

Една студија во Кина открила дека заразените луѓе од делта сојот носат 1.000 пати повеќе вируси во себе во споредба со сојот кој се појави во Вухан и кој првпат беше идентификуван во 2019 година.

„Делта сојот може да излачи повеќе вируси и поради тоа е попренослив. Тоа сè уште се истражува“, изјавила Пикок.




Спонзорирани линкови

Маркетинг