Апелационен суд Скопје ја потврди првостепената пресуда и како неосновани ги одби жалбите на обвинетите Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и Катица Јанева за случајот „Рекет“.
„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ -91/20 познат во јавноста под името „Рекет“, донесе одлука со која жалбите на обвинетиот Бојан Јовановски од Скопје и обвинетата Катица Јанева од Скопје, ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди“, информираат од судот.
Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб-страницата на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Шоуменот и поранешен неформален сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева беа прогласени за виновни во случајот „Рекет“ во јуни лани. Јовановски доби затвор од 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување.
Покрај затворските казни, во пресудата има одлука и за конфискација на запленетите работи од Јовановски, меѓу кои имаше 70-тина вреќи брендирана облека, уметнички слики и мебел.
Во истиот случај со нив, за примање награда за противзаконито влијание, беше обвинет и Зоран Милески-Кичеец, но тој уште на првото рочиште во декември 2019 призна вина и доби затворска казна од 3 години затвор. Таа е правосилна и од октомври лани тој ја издржува во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга.