Високата службеничка на владејачката Работничка партија на Северна Кореја и сестра на лидерот на оваа земја, Ким Јо Јонг, ја отфрлила денеска иницијативата на САД за разговори на двете страни.
Таа во соопштението кое го пренеле државните медиуми навела дека САД ги интерпретираат сигналите од Пјонгјанг на начин кој ќе ги разочара.
Таа реагирала на изјавата на советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливен, кој рекол дека забележал "интересен сигнал" во неодамнешниот говор на лидерот Ким Јонг Ун за конфронтација и дипломатија со САД.
"Изгледа дека САД ја гледаат оваа ситуација на таков начин за да си најдат утеха. Тоа очекување, за кое погрешно се надеваат, ќе ги турне во уште подлабоко разочарување", рекла Ким.
Нејзиното соопштение уследило во текот на посетата на американскиот специјален пратеник Сунг Ким на Јужна Кореја. Тој денеска ќе се состане со јужнокорејскиот претседател Мун Џан Ин и министерот за обединување Ли Ин Џонг.
Двете страни вчера се согласиле дека потребно "да се разгледа укинување на работната група" за координирање на политиките кон Пјонгјанг.