„Полициска бруталност“, краток документарен филм за употреба на прекумерна сила од страна на полицијата

Точка

21/06/2021

09:51

2.527

Големина на фонт

а а а

Краткиот документарен филм „Полициска бруталност“ во продукција на Види Вака е дел од серијалот стории посветени на правосудството и остварувањето на правдата во земјава.

Преку искуството на Невзат Јашаровски од Битола, кое го видоа голем број на граѓани поради видеоснимките коишто се појавија во јавноста, ги анализираме случаите на полициска бруталност и како тие се процесираат од страна на судот.

„Ние од колата што ја мавнавме немавме ништо повреди. Но кога ме тепаа имав повреди. Бев повреден во вратот, во градите, половината исто бев многу повреден,“ раскажува Јашаровски за ноќта на 21 септември 2020 година.


По речиси девет месеци, предметот против напаѓачот на Јашаровски, припадник на сообраќајната полиција, сè уште не започнал. Досега се закажани три рочишта во Основниот кривичен суд во Скопје, но ниту едно не е одржано. Оваа постапка се води по кривична пријава од МВР. Но за случајот, кривична пријава има поднесено и Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

„Ние со тимот на адвокати увидовме дека постојат елементи коишто упатуваат на тоа дека се направени повеќе кривични дела - малтретирање во вршење на службата, непријавување на кривично дело, расна дискриминација и воедно делото мачење и друго нечовечко постапување и казнување. И притоа се согласивме дека треба да се поднесат кривични пријави и против сите службени лица коишто беа присутни на настанот, а не презеле дејствија за да го спречат таквото постапување,“ вели Ирена Здравкова проектен менаџер во МЗМП.


Според податоците добиени од Основиот кривичен суд во Скопје, во периодот од почеток на 2019 година до сега, за делото малтретирање во вршење на службата заведени се вкупно 20 предмети против 30 лица.

„Од нив 5 предмети се завршени со првостепена пресуда, а 3 се веќе правосилни“, велат од Кривичен.

Комитетот за спречување на тортура и нехуман или понижувачки третман или казни при Советот на Европа во својата посета во декември 2019 година и извршени проверки на терен констатира пречекорување на полициските овластувања и употреба на прекумерна сила од страна на полициските службеници за време на приведување, во полициска станица, но и подоцна од страна на затворската полиција.

Автор на видеото „Полициска бруталност“ е новинарката Марија Севриева, а директор на фотографија е Крсте Шупев. Продуценти на серијалот „Правосудство објаснето“ се Мите Кузевски и Горан Игиќ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг