Две презентерки на намибиската национална телевизија станаа интернет ѕвезди по непријатниот конфликт кој се одиграл пред камерите.
Конфликтот започнал кога водителката Елмари Капунда ѝ го препуштила на колешката Џесика Каиму спортскиот дел од вестите.
Капунда започнала да го најавува сегментот кога Каиму ја прекинала со зборовите: „Не, нема да го правиш тоа. Само ќе ме претставиш и ќе кажеш: Преземи!“.
„Џесика, во програма сме“, ѝ одговорила Капунда по што следела непријатна тишина која конечно била прекината кога од режија го прекриле екранот со графика од ТВ станицата и со тоа ги „спасиле“ и водителките и гледачите.
Видеото стана вирално за кратко време откако еден Твитер корисник ја снимил кавгата и ја објавил на мрежата. Снимката станала толку голем хит што дури и презентерките од една јужноафриканска програма го одглумиле нивниот конфликт.
Претседателот на намибискиот јавен сервис „NBC“, Лазарус Џејкобс, изјавил за „CNN“ дека на спортската презентерка ѝ доцнел звукот во слушалката во увото и не знаела дека е во програма.
„Она што луѓето го слушнаа и видеа е нешто што би требало да се случува зад камерите“, рекол тој.
Џејкобс додал и дека немало никаков конфликт и дека двете презентерки се добри колешки кои подоцна, повторно во живо, слатко се изнасмеале на гафот.
„Кога ќе сфатите дека сте во програма и дека сте кажале нешто несоодветно, вие буквално се заледувате“, објаснил тој и ги демантирал извештаите на локалните медиуми дека новинарките ќе останат без работа.
„Лично разговарав со двете дами и ги уверив дека нивната работа не е загрозена. Ова е грешка која може секому да му се случи“.